Во тек се тестирањата на платформата, се работи на нејзина оптимизација, велат од Министерството за образование и наука по реакциите во јавноста дека платформата не функционира и дека учениците и наставниците не можат да се логираат.
„Министерството за образование и наука, информира дека течат тестирањата на единствената Национална платформа преку којашто ќе се одвива наставата од далечина од први октомври годинава. Тестирањето е дел од постапката за постигнување на целосна функционалност на платформата, и во тест фазата се детектираат и надминуваат сите предизвици“, соопштија од Министерството.
Со цел да се обезбеди потполно функционална платформа до почетокот на учебната година, велат од МОН, тестирањата ќе продолжат и во наредните денови.
Исто така, Министерството за образование и наука информира дека во моментов се прават сите подготовки, тестирања и оптимизации на платформата.
Учениците викендов добија лозинки и упатства како да пристапат до платформата, а денеска требаше да одржат пробен час.