Заев и Борисов разговараа телефонски: Историските комисии треба да најдат решенија прифатливи за двете страни

Макфакс

28/09/2020

08:21

806

Големина на фонт

а а а

Премиерите на Република Северна Македонија и Република Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, денеска телефонски разговараа за повеќе области на соработка меѓу двете земји.

„Во фокусот на разговорот беше Берлинскиот процес и заедничкото успешно претседавање кое е особено важно за зајакнување на регионалната соработка и интеграција на регионот во ЕУ, како и подготовките за претстојниот главен самит кој ќе се одржи во текот на ноември во Софија“, соопшти Владата.

Двајцата премиери разговараа и за заедничката соработка во заштитата од пандемискиот вирус Ковид-19, особено имајќи ги предвид искуствата на Бугарија во обезбедувањето заштитна опрема за стручниот персонал и за граѓаните.

Беше потенцирана и определбата на премиерите, двете држави и граѓаните за целосно искористување на можностите кои постојат за унапредување на економската соработка.

Во телефонскиот разговор се дискутираше и за организација на скорешна посета на премиерот Заев на Република Бугарија, како и за заедничко охрабрување на работата на историските комисии за изнаоѓање заеднички решенија прифатливи за двете страни.

Премиерот Борисов истакна дека Бугарија останува доследна во поддршката на европската иднина на Северна Македонија, при што заедно со премиерот Заев изразија увереност дека двете страни остануваат ангажирани во спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.