СЗО: Вакцината нема да стави крај на епидемијата, нè очекува тешка есен

Макфакс

14/09/2020

12:38

1.682

Големина на фонт

а а а

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека очекува пораст на бројот на смртни случаи од Ковид-19 во Европа во текот на октомври и ноември и дека тие месеци ќе бидат многу тешки во однос на епидемијата.

„Ќе стане многу потешко. Во октомври и ноември, ќе видиме зголемување на стапката на смртност”, рече Ханс Клуге, директор на европскиот огранок на СЗО.

Бројот на заразени во Европа во моментов е во пораст, но бројот на жртви дневно е релативно стабилен.

Клуге, исто така, ги предупредува оние што сметаат дека наоѓањето на вакцината ќе стави крај на епидемијата.

„Слушам луѓе цело време како велат дека вакцината ќе означи крај на епидемијата. Секако дека нема“, рече Клуге.

Тој објасни дека никој сè уште не знае дали вакцината ќе биде ефективна за целата светска популација.

„Некои знаци покажуваат дека ќе биде ефикасна за некои, но не за сите“, истакна белгискиот лекар.

Тој, исто така, рече дека на епидемијата ќе ѝ дојде крајот кога, како заедница, ќе научиме да живееме со неа.

„И тоа зависи од нас и тоа е една многу позитивна порака“, заклучи Клуге.



Спонзорирани линкови

Маркетинг