Францускиот министер за образование Жан-Мишел Бланке нареди затворање на 22 училишта во Франција поради појавување на неколку случаи на коронавирус.
„Во континенталниот дел на Франција моментално има 12 затворени училишта од вкупно над 60 илјади, што е мала бројка. Кога ќе ги додадеме уште 10-те училишта во Реунион (остров), тоа се вкупно 22 училишта“, изјави Бланке, пренесува „Гардијан“.
Во вторникот повеќе од 12 милиони ученици се вратија на настава во Франција, меѓутоа некои родители и синдикати изразија загриженост поради отворањето на училиштата во моментите кога е присутно забрзано ширење на вирусот.
Француското Министерство за здравство соопшти дека се регистрирани повеќе од 7 илјади нови случаи на коронавирус во последните 24 часа по втор пат во последните два дена.
Новиот скок на заразени и натаму е за нешто помал од досегашниот рекорд од 7,578 новозаразени кои беа регистрирани на 31-ви март.