Рим, Венеција, Фиренца, Торино и Милано останаа без 34 милиони туристи

Макфакс

05/08/2020

11:40

262

Големина на фонт

а а а

Рим, Венеција, Фиренца, Торино и Милано, кои заедно сочинуваат повеќе од една третина од италијанскиот туризам, годинава ќе загубат скоро 34 милиони туристи од странство поради пандемијата со Ковид-19.

Проценето е дека ова ќе предизвика загуба од 7 милијарди евра, од кои 4,9 милијарди евра се однесуваат на секторите за сместување, угостителство и деловно-услужни услуги, тврдат од здружението Конфесерценти.

Во Венеција, која е меѓу најатрактивните дестинации во светот, се очекува загуба од 13,2 милиони посетители, односно 3 милијарди евра загуба. Следува Рим, кој се проценува дека ќе остане без десет милиони странски туристи оваа година, како и без 2,3 милијарди евра, а потоа и Фиренца, која ќе биде без пет милиони посетители од странство и загуба од 1,2 милијарди евра.

Како што се наведува, Милано ќе изгуби четири милиони туристи и потрошувачка од околу 900 милиони евра, а Торино ќе се соочи со пад на бројот на посетители за повеќе од 800 илјади, како и за 186 милиони евра туристички трошоци помалку.

Градовите на културата и уметноста во Италија, кои се многу зависни од меѓународниот туризам, во најголем дел се без посетители заради пандемијата и рестриктивните мерки, а домашните туристи за одмор избираат помали крајбрежни градови, села и планини.



Спонзорирани линкови

Маркетинг