Милошоски: Подобро е секој да си ја задржи честа, место таа да биде врамена во плакета

Макфакс

22/07/2020

12:57

1.202

Големина на фонт

а а а

Дополнувањата на Статутот на ВМРО ДПМНЕ од страна на Централниот комитет претставуваат негова модернизација и заслужуваат да бидат поздравени, напиша на Фејсбук патеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, po вчерашниот состанок на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, значаен чекор напред во непосредната внатрепартиска демократија е воведувањето на непосреден избор од страна на членството на идните кандидати за општински советници, и идните кандидати за градоначалници. Минатиот труд, личниот углед, довербата кај членството и капацитетот на кандидатот да се носи со обврските на овие позиции ќе добијат на тежина.

Дополнувањата на Статутот на ВМРО ДПМНЕ од страна на Централниот комитет претставуваат негова модернизација и...

Posted by Antonio Milososki on Wednesday, July 22, 2020

„Ограничувањето на мандатите на претседателот на партијата и претседателите на ОК е нов значаен исчекор, со кој за прв пат актуелното раководство на ВМРО ДПМНЕ става до знаење дека долговечноста на партиската функцијата не е цел сама за себе, туку дека партијата има доволно ресурси за редовно освежување на кадровските постави. Ваквиот циклус ќе внесува нова внатрепартиска динамика и кадровски натпревар, што ќе биде значајна демократска алатка за мотивација на активните членови.

Формирањето на Форум на интелектуалци како и Унија на ветерани е многу корисно бидејќи овие две тела се очекува да го зголемат опсегот на делување во рамките на своите целни групи и од истите да се добиваат корисни идеи, проекти и совети.

И за крај, во рамките на секоја партија или држава, сосема доволна чест, обврска и престиж е некој да биде претседател на партијата, на државата, на владата, градоначалник или министер, па затоа титуларните функции ‘почесен претседател, почесен градоначалник, почесен премиер’ и слично, немаат некоја суштинска кадровска улога и подобро е за секого честа да си ја задржи кај членството и граѓаните, наместо истата да биде врамена во плакета“, порача Милошоски, по вчерашниот состанок на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на синоќешната седница одлучи да направи измени во статутот на партијата и да ги укине почесните членови и почесните претседатели на партијата. Ова значи дека Никола Груевски не е веќе почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, но Христијан Мицкоски останува на чело на главната опозициска партија во земјава.

Со измените на статутот, претседателот на партијата, претседателите на општинските комитети и претседателите и членовите на сите органи и тела избрани на конгрес имаат ограничен мандат од четири години, при што максимум на истата функција ќе можат да се задржат три мандати, а за да го добијат третиот мандат мора да се избрани од партиските органи и тела со двотретинско мнозинство. Ова би значело дека Христијан Мицкоски би можел да остане на чело на ВМРО-ДПМНЕ најмногу три мандати од по четири години.



Спонзорирани линкови

Маркетинг