Точка ТВ: Како песната на Боуви се надоврза со ремек-делото на Кјубрик и слетувањето на Армстронг на Месечината

Точка

21/07/2020

14:10

1.546

Големина на фонт

а а а

Дејвид Боуви својата песна "Space Oddity" ја објави неколку дена пред човекот за прв пат да слета на Месечината, но иако долго време се тврдеше дека песната е специјално напишана за подвигот на НАСА, Боуви подоцна призна дека тоа не е точно.

Сепак, песната е инспирирана од култниот филм на Стенли Кјубрик, "2001: A Space Odyssey", филм кој беше објавен една година претходно. Дејвид Боуви бил фасциниран од филмот кој се појавил во периодот од неговиот живот кога „не знаел каде му е главата“.

Боуви филмот го гледал во кино салите повеќе пати и секогаш под прилично силно влијание на „популарните опијати“ од тоа време. Јасно тие што го гледале филмот знаат дека станува збор за филм со длабока и надреална приказна, олицетворение на неверојатната техничка иновација и перфекционизам на Кјубрик.


Тогаш 21-годишниот Боуви почувствувал неверојатна поврзаност со филмот, посебно затоа што раскинал со неговата девојка. Како што своевремено раскажувал, тоа што останал без својата љубов „за него била совршена метафора за чувството да се биде напуштен во вселената“.

Така настанала и култната песна "Space Oddity" во која според многумина, главниот лик Том е всушност алтер егото на Боуви, а песната е првата „вистинска“ песна од големиот опус на популарниот пејач. За жал, тој опус заврши со неговата смрт во 2016-та година, но заврши во целина - два дена пред неговата смрт во продажба е пуштен неговиот последен албум наречен "Blackstar".

До која мера Боуви бил уметник ни покажува тоа дека од сопствената смрт креираше еден вид на ремек-дело. Го затвори опусот кој почна ноќите кога во Лондон го гледал филмот на Кјубрик со признавањето дека тој е „Црната ѕвезда“ или „Црното сонце“.

Каква проштална порака ни праќа? Истата онаа која на 21-годишна возраст ја напшиша во "Space Oddity", дека лебди низ вселената, стотици илјади милји далеку од Земјата. Токму "Space Oddity" е најава на крајот, но интермецото од половина век беше грандиозно.

"Space Oddity" е повеќе од песна, таа е дел од трилогија на случувања кои заедно прават една фасцинантна вонземска целина во музички, технолошки, научен и креативен смисол. "Space Oddity" заедно со "2001: A Space Odyssey" на Кјубрик и слетувањето на Нил Армстронг на Месечината.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk