Со извршени 16 несродни трансплантации нашата држава на мапата на светски медицински центри за лекување најтешки заболувања на крвта

Макфакс

11/07/2020

22:35

2.282

Големина на фонт

а а а

Универзитетската клиника за хематологија е пример дека македонското здравство овозможува унифицирани услуги и третман со ист квалитет како современите европски центри и кога станува збор за лекување на најтешки заболувања на крвта.

Во изминатата година и пол се извршени 16 алогени несродни трансплантации од европскиот регистер на доброволни донори и 4 алогени полуидентични трансплантации, соопшти Министерството за здравство.

„Првата несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки во нашата земја е спроведена во ноември 2018 година на Универзитетската клиника за хематологија. Оваа постапка, која претставува најсовремена метода за лекување малигни хематолошки заболувања, тогаш првпат стана достапна во јавното здравство. По само неколку месеци, во јануари 2019 година, на Клиниката за хематологија првпат беше изведена алогена полуидентична трансплантација, уште една сложена процедура од областа на хематопоетските трансплантации.

Со воведување на овие две нови здравствени услуги се подигна квалитетот на јавното здравство и Република Северна Македонија влезе на мапата на светски и европски медицински центри за лекување на најтешките заболувања на крвта. Двете најтешки хематопоетски трансплантации станаа достапни во нашата земја, со што пациентите за овие здравствени услуги повеќе не се упатуваат во странство, со што се овозможува поголема достапност на овие здравствени услуги за пациентите и помала оптовареност на здравствениот буџет.

Со својата стручност и професионалност Клиниката за хематологија застана рамо до рамо со најразвиените европски центри, а воедно се воспостави систем преку кој знаењето од нашите лекари се пренесува на идните генерации здравствени работници во нашата држава“, се вели во соопштението.



Спонзорирани линкови

Маркетинг