Ако се заразите од коронавирус во Грција ќе бидете сместени во хотел-карантин - погледнете како изгледа тоа и какви правила важат

Точка

01/07/2020

18:44

3.947

Големина на фонт

а а а

Претходните недели и месеци имало многу приказни околу тоа што ќе се случи ако некои туристи се заразат со коронавирус на летување, која е процедурата и кој ќе го плати нивното сместување и лечење. Тоа што е сега сигурно, е дека сметката ќе ја плати Грција, без разлика дали сте уплатиле патно осигурување или не, пишува "Екатимерини".

Доколку се воспостави дека некој турист е позитивен на коронавирус, тој автоматски ќе биде префрлен во "карантински хотел", некои од сместувачките објекти кои се од претходно одредени за оваа цел. Секако, под услов здравствената состојба на заразениот да не бара болничко лечење. 

Како што пренела грчката "ТВ Мега", тие во овие хотели-карантини ќе останат најмалку 14 дена, или дури и подолго, односно се додека не бидат негативни на корона тестот.

Пациентите ќе бидат во полуизолација во своите соби и нема да им биде дозволено да ги користат останатите делови од објектот. Со хотелскиот персонал ќе контактираат исклучиво преку телефон, а влегувањето во соба ќе им биде дозволено исклучиво на лекари.

Храна, пешкири и други неопходно работи на пациентите ќе им се оставаат пред врата, а по употребата истите ќе бидат детално дезинфицирани. Кога станува збор за храната, и таа ќе доаѓа херметички затворена, со прибор за еднократна употреба.

Тоа што е интересно, е дека овие мерки се однесуваат на странски туристи, но и на Грци кои се наоѓаат на одмор.

"ТВ Мега" посетила хотел-карантин на Крит, кој има 20 кревети и се наоѓа на 25 минути возење од болницата во Ираклион.

Како што објасниле репортерите, државата плаќа 15 евра на ден за празна соба, 50 евра плус оброци доколку во неа има заразени туристи. На овие цени се бунеле хотелиерите бидејќи сметаат дека имаат повеќе трошоци за дезинфекција на собите.

Грчките епидемиолози сметаат дека нема опасност од ширење на коронавирусот поради доаѓањето на голем број на туристи, а критичен случај може да биде ако се откријат 25 до 50 заразени во една област.




Спонзорирани линкови

Маркетинг