Ден Дончев: Снимките објавени на Јутјуб се извадени од контекст

Макфакс

23/06/2020

13:57

1.975

Големина на фонт

а а а

Поранешниот директор на Фондот за здравство, Ден Дончев, го демантира контекстот на објавените аудио и видео снимки на Јутјуб на кои наводно прима поткуп. Тој вели дека снимките се нецелосни и дека се извадени од контекст.

„Одлучно и во целост го демантирам контекстот на објавените аудио и видео снимки со мене. Ги отфрлам сите инсинуации и манипулации кои се со цел да бидам политички деградиран.

Заради објективно информирање на јавноста би сакал да го опишам контекстот на разговорите во снимките. Приметливо е дека снимките се нецелосни и се вадени од контекст со цел во јавноста да се постигне одреден наратив“, вели Дончев.

За случајот „Дијамед“ вели дека имал многу средби и разговори, некогаш официјални, некогаш консултативни, а некогаш неформални.

„Целта секогаш беше да се најде најдобриот и најсоодветниот начин да се заштитат интересите на државата, но притоа ни во еден миг да не се загрозат услугите на пациентите на кои им е потребна дијализа. Токму во двете снимки, се разговара за можните стратешки правци за дејноста дијализа по продажбата на Дијамед Македонија. Мојот став секогаш бил дека институциите на државата се единствени задолжени органи кои ќе го проследат овој случај“, вели Дончев.

За второобјавената аудио снимка и трето објавената видео снимка вели дека се од приватен карактер и не се поврзани со извршување на мојата јавна функција.

„Како што веќе беше објавено во некои медиуми, станува збор за приватни деловни односи помеѓу мој долгогодишен пријател кој е малцински сопственик во една македонска сателитска компанија и компанија од Србија како мнозински сопственик“, појаснуваа Дончев.

Тој додава дека објавената видеоснимка е од поодамна и станува збор за снимка од приватен карактер. Секако, вели Дончев, останува понатаму државните институции да си ја вршат својата работа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг