На 117.122 граѓани со ниски приходи ќе им бидат доделени ваучери за домашен туризам

Макфакс

13/06/2020

16:50

2.699

Големина на фонт

а а а

Министерот за економија Крешник Бектеши и министерката за финансии Нина Ангеловска денеска ја промовираа Платформата „Дома си е дома“ преку која се реализира мерката за издавање на ваучери од 6.000 денари за домашен туризам на граѓани со ниски приходи.

Ваучерите за домашен туризам се дел од Третиот сет економски мерки на Владата кои имаат за цел да го заживеат туристичкиот сектор кој е најпогоден од корона кризата во фазата на реотварање.

Покрај ваучерите за домашен туризам, граѓаните со ниски приходи ќе добијат и платежна картичка од 3.000 денари.

Како што потенцираше министерот Бектеши, со оваа мерка ќе се слеат 10 милиони евра во домашниот туризам, преку граѓаните.

„Вкупно 117.122 граѓани со ниски приходи ќе добијат ваучер за домашен туризам. На листата на добитници на ваучер, се сите вработени граѓани кои имаат приходи кои не надминуваат 15.000 денари месечно или вкупно 60.000 денари во периодот од јануари до април годинава. Граѓаните кои се на листата на добитници ваучерите за туризам ќе ги добијат преку електронската пошта која ја имаат доставено во УЈП, односно за истите не е потребно да аплицираат. На платформата ‘Дома си е дома’ која од денеска е активна, сите граѓани со впишување на својот единствен матичен број ќе можат да проверат дали се добитници на ваучери“ кажа Бектеши.

Како што потенцираше министерот, секој ваучер гласи на име и презиме. Ваучерот содржи QR код, ваучер код и пин код. Лицето ќе мора да го покаже ваучерот при искористувањето на давателот на туристички услуги. Ваучерот ќе мора да се искористи во една посета.

„Ваучерите ќе може да се искористат од 15 јули до 15 декември за сместувања и патувања во земјата. На Платформата освен листата на добитници ќе биде објавена листа на сите даватели на туристички услуги кои мора да бидат категоризирани, имаат рок до 30 јуни да се регистрираат и да ги понудат своите сместувачки капацитети. На тој начин сите граѓани кои се добитници на ваучери за домашен туризам лесно ќе може да ги видат сите достапни капацитети и да одберат каде сакаат да го искористат својот ваучер“, потенцираше министерот Бектеши и информираше дека по барање на туристичкиот сектор намален е рокот за завршување на постапката за категоризација од 30 на 15 дена.

Откако ќе бидат искористени ваучерите од страна на граѓаните Министерството ќе врши исплата на средствата на давателите на туристички услуги врз основа на доставена месечна фактура и месечен извештај за искористените ваучери за туризам, кажа министерот и информираше дека во исто време Министерството за економија заедно со Агенцијата за поддршка на туризмот ќе спроведе кампања ДОМА СИ Е ДОМА и PUSHIME NE VEND на која ќе се промовирааат туристичките потенцијали на Република Северна Македонија, но овој пат за нашите граѓани односно за домашните туристи.

Министерката за финансии Нина Ангеловска повтори дека мерките за ваучери за домашен туризам, како и домашната платежна картичка имаат повеќе цели, односно со цел финансиска поддршка на граѓаните, на економијата, формирање свест за купување на македонски производи, за ориентација кон безготовинско општество, за воведување на субјекти од неформалната во формалната економија, како и намалување на бирократијата, односно де-бирократизација на процесите која ни ја овозможуваат технологиите.



Спонзорирани линкови

Маркетинг