Најголем број од новозаразените лица се од две поголеми прослави во Охрид и Скопје

Точка

11/06/2020

16:08

4.328

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција информираше дека во Охрид има 8 позитивни лица на коронавирусот кои присуствувале на семејна прослава во Охрид, на која имало околу 200 лица, додека 40 лица се во изолација.

Втор нов кластер има во Скопје, каде што се организирала свадба со присутни 100 лица, од кои досега се евидентирани 14 позитивни на Ковид-19. 

Министерот посочи дека епидемиолозите кои работат на терен и кои собираат информации имаат голем проблем бидејќи повеќето граѓани не даваат точни податоци во епидемиолошките анкети.

“Уште еднаш апелирам да се кажуваат точни податоци бидејќи имаме неколку случаи во кои заради неточни податоци повеќе здравствени работници сега се во изолација. Оваа битка здравствените работници не можат да ја добијат сами”, рече Филипче.

Од штипските фабрики со коронавирус се заразени 126 вработени, 24 се во болница

Од вработените во конфекциските фабрики во Штип се земени 788 бриса, а потврдени се 126 случаи на коронавирусот, информираше министерот за здравство Венко Филипче. Од нив, хоспитализирани се 24 лица, додека останатите се на домашно лекување или во изолација. 

Филипче вели дека со ова, ситуацијата во Штип и во тетовскиот регион се смирува.

За 24 часа, на територијата на нашата земја има 175 нови случаи на заразени од коронавирусот, при што најголем дел се од Скопје. Воедно има и 18 оздравени, а 5 пациенти се починати. 



Спонзорирани линкови

Маркетинг