Царовска на координација со граѓанските организации поради ефектите од корона-кризата

Макфакс

10/06/2020

16:58

655

Големина на фонт

а а а

Вицепремиерката задолжена за економски прашања, Мила Царовска, одржа редовна координација со претставници на Министерството за труд и социјална политика, граѓанските организации „Гласен текстилец“, Хелсиншкиот комитет за човекови права, ХЕРА, „Платформата за борба против сиромаштијата“, „Мрежата против насилството врз жените“, претставници на синдикални организации и од УНДП, а на која учествуваа и претседателката на Инспекцискиот совет и директорите на Пазарниот и Трудовиот инспекторат.

На состанокот, преку апликацијата „Зум“, се дискутира за спроведувањето на мерките и препораките на Владата во делот на заштита на работничките права, инспекциските надзори, почитувањето на протоколите од страна на работниците и компаниите и можностите за користење државна помош во случај на губење работа.

Исто така, се зборуваше и за правото на користење на родителското платено отсуство за работници што имаат деца на возраст до 10 години.

На состанокот и граѓанските организации дадоа свои предлози и сугестии коишто ќе помогнат во носењето на нови мерки за полесно справување со здравствено и социо-економската криза предизвикана од Ковид-19.

Вицепремиерката Царовска истакна дека Владата вложува максимални напори да направи баланс во заштитата на работниците и бизнисот, односно никој да не е губитник во оваа криза.

Таа потенцира дека, според последните податоци од Агенцијата за вработување, досега речиси 3.900 лица побарале користење на надоместокот поради изгубена работа, од кои на 1.900 веќе им е одобрен, а за преостанатите 1.900 разгледувањето на барањата е во тек.

Царовска напомена и дека околу 1.000 лица поднеле барања за користење гарантиран минимален приход и над 100 барања се веќе одобрени.

За дополнително зајакнување на најранливите семејства почнато е и вклучување во општинско корисна работа на 50-ина корисници на гарантиран минимален приход, во вкупно 10 општини, информираат од Министерството.

Овие лица се активираат во одржување на хигиената во општините, за дезинфекција на јавните површини и влезовите во зградите за што им се исплаќа надоместок.



Спонзорирани линкови

Маркетинг