Во текот на вчерашниот ден беше донесена конечна одлука Серија А да продолжи на 20 и 21 јуни.
Ваквата одлука ја пренесе министерот за спорт на Италија, Винченцо Спадафора кој потоа потврди дека од фудбалската федерација на Италија имаат смислено и план Б и план Ц во случај ситуацијата со коронавирусот да се влоши.
Доколку кривата отиде драматично нагоре, постои веројатност лигата повторно да биде прекината, но во федерацијата мислеле на се, па затоа ги изготвиле и другите планови кои во јавноста ги презентираше Спадафора.
– Ги прашав луѓето од сојузот дали им е јасен фактот дека лигата повторно ќе биде суспендирана ако кривата на пандемијата отиде нагоре во однос на состојбата во која сме сега.
– Од таму ме уверија дека имаат и план Б и план Ц. Планот Б е плеј-оф и плеј-аут, а планот Ц е кристализација на рангирањето. Овие планови се на фудбалскиот сојуз кој дополнително треба да ги проучи до новото собрание на 4 јуни, - изјави Спадафора.
Првенството во Италија е прекинато од 8. март, а последен натпревар кој се одигра на Апенините беше оној помеѓу Јувентус и Интер.
Клубовите во Италија веќе се вратија на тренинзите и напорно работат за што поподготвени да го дочекаат 20 јуни и рестартирањето на лигата.