Според првите резултати од тестирањето на антитела, околу 2,7 милиони луѓе во Њујорк веројатно биле заразени со коронавирус, предупредил гувернерот Ендру Куомо.
Резултатите покажале дека од 3.000 граѓани, околу 13,9 проценти закрепнале од коронавирусот, рекол Куомо на прес-конференцијата, пренесува Russia Today.
Додека гувернерот предупредува дека резултатите се прелиминарни и дека варираат од округ до округ, како и од држава до држава, сепак успеал да го доведе во прашање погледот на вирусот како "смртна пресуда за Њујорк".
Имено, новите броеви покажуваат дека, ако се земе во предвид колку луѓе "го прележеле вирусот на нозе", стапката на смртност во таа сојузна држава е околу 0,5 проценти, што е значително помалку од тоа што претходно се верувало.
Њујорк е епицентар на епидемијата во САД и бил најмногу погоден од заразата со оглед на големата густина на населението.
Меѓутоа, дури и во градот во кој 21,1 проценти од жителите се позитивни на антитела на COVID-19, има 15.000 жртви, што е процент на смртност од 0,8.
Стапката на зараза надвор од градот е дури и помала, па меѓу жителите на Лонг Ајленд таа е 16,7 проценти, додека во Вестчестер и Рокланд заразено е 11,7 проценти од населението.
Во остатокот од државата позитивни се околу 3,6 проценти, рекол Куомо.
Куомо додал и дека вирусот не ја погодува целата држава Њујорк.
Тој неодамна најавил дека државата ќе биде затворена до средината на мај и предупредил дека не дозволува никој да се врати на работа без масовни тестирања.
Тестирањето на антитела било спроведено во продавници на 40 локации во 19 окрузи на Њујорк и не биле вклучени заболените во болниците и оние кои се лечат дома.
Резултатите се слични на оние до кои дошле истражувачите во Санта Клара, Калифорнија и Масачусетс, кои откриле дека широко распространета е само асимптоматската и блага инфекција.