ДУИ: Не разбираме која е целта за итно свикување на распуштено Собрание

Нетпрес

22/04/2020

14:40

1.065

Големина на фонт

а а а

ДУИ, владиниот партнер на СДСМ, засега не гледа поента за повторно свикување на веќе распуштеното Собрание, велат за Плусинфо од партијата на Али Ахмети. Пратеничката група на СДСМ веќе работи на иницијативата за свикување на Собранието за да се потврдат двете одлуки на претседателот на државата Стево Пендаровски за прогласување на вонредна состојба.

Партијата на Зоран Заев бара поддршка од пратениците за претседателот на Собранието Талат Џафери да го свика Парламентот. Собранието може да се свика и со собрани 20 потписи на пратеници, на барање на претседателот на државата и на барање на владата. Претседателот на Собранието Талат Џафери веќе се изјасни дека не може да се свика седница на Парламент кој е веќе самораспуштен.

– Никој досега не побарал пратениците на ДУИ да поддржат иницијатива за свикување на Собранието. Ние ниту сме информирани за содржината на иницијативата, ниту е побарана поддршка или е направена претходна консултација со нас. Откако ќе ја достават иницијативата до Парламентот ќе ја разгледаме. Би било добро каква било иницијатива за актуелната состојба претходно да има консензуална поддршка. Иако не разбираме која е целта за итно свикување на веќе распуштеното Собрание. Одлуки со сила на закон носи Владата. Ако итноста е поради потврда на одлуките на Пендаровски за вонредната состојба, идниот парламентарен состав ќе ги потврди или не – вели висок функционер на ДУИ за Плусинфо.

Против повторно свикување на парламентот се изјасни и ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, потенцираат дека станува збор за иницијатива на поранешни пратеници, а ставот за тоа партијата го соопштила јасно на последната лидерска средба.

– Каков било чекор кој е надвор од договореното и прифатеното и од политичките лидери на последната лидерска средба ќе претставува еднострано прекршување на принципот за политички консензус. Очигледно станува збор за две работи, или Заев си влегува во приватни аранжмани и комбинаторики со пратеници, или пак е преголема желбата да се лови во матно, односно во ек на најголемата здравствена и економска криза кога луѓе буквално ги губат своите животи, Заев да носи лични еднострани решенија на штета на државата – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Кооринаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митроски, вели дека ставот на пратеничката група на СДСМ е дека Собранието треба да биде во функција и за тоа се исполнети сите услови пропишани во Уставот.

– Затоа нашата цел е да направиме уште еден обид да биде свикана седница на која ќе бидат потврдени одлуките на Пендаровски, но да биде во функција и доколку во иднина има потреба повторно од прогласување вонредна состојба – вели Митроски.

Собирањето на 20 пратенички потписи за претседателот на Собранието да свика седница е, како што велат од СДСМ, поради фактот што Џафери одбил да го свика Собранието кога Пендаровски ја донесе првата одлука за воведување вонредна состојба. Тогаш, објаснуваат од СДСМ, материјалите за свикување седница Џафери не го доставил до пратениците. Сега, тие преку собрани 20 потписи ќе направат нов обид Џафери да го свика Собранието. Проблем е дека освен Џафери никој друг не може да го свика Собранието.

Собранието се самораспушти на 16 февруари со 108 гласови „за“ заради одржување на предвремените парламентарни избори кои беа закажани за 12 април, но беа одложени поради пандемијата со ковид-19.



Спонзорирани линкови

Маркетинг