Многу, многу милијарди и прашањето кое ги интересира сите: Колку долго ќе може вака?

Точка

26/03/2020

20:08

4.636

Големина на фонт

а а а

Германскиот парламент, Бундестагот, го направил најголемиот финансиски пакет во историјата за да ги ублажи последиците од кризата која ја следи пендамијата на корона-вирусот.

"Согласни сме во сите пратенички клубови дека функционирањето на законодавното тело мора да се сочува во сите околности и истовремено ризикот од зараза да се намали колку што е можно", рекол претседателот на Бундестагот, Волфганг Шојбле на почетокот. 

На сличен начин заседавал и Бундесратот, советот на германските покраини, кој на посебна седница морал да ја потврди одлуката за Бундестагот воопшто да може да интервенира во буџетот. Седницата траела две минути.

Големо задолжување

Фондот за стабилизација на економијата би требало да изнесува 600 милијарди евра - тоа е некој вид на чадор за големите компании. Државата гарантира за кредитите, дури и остава простор за делумна или целосна национализација на компаниите за да ги спаси од колапс. Кога кризата ќе мине, компаниите кои ќе ги преземе државата повторно би требало да бидат приватизирани, пишува DW.

За малите компании со 10 или 15 вработени се предвидени субвенции кои нема да мора да се вратат. Тие ќе изнесуваат до 15.000 евра во текот на 3 месеци. Државата презема и до две третини од платите за луѓето кои поради последиците од кризата работат скратено или се принудно на неплатен одмор.

Министерот за финансии, Олаф Шолц, пресметал дека државата ќе мора да се задолжи со 156 милијарди евра. "Тоа е џиновска сума, речиси половина од нашиот нормален буџет".

Всушност, новите долгови не биле можни бидејќи веќе една година е на сила закон за забрана за нови задолжувања, а буџетот бил избалансиран. Сега, таа забрана за задолжување е укината.

Шолц вели дека Германија може да си дозволи огромно задолжување бидејќи претходните години работела домаќински. Освен тоа, земјата ужива најголема доверба во финансиските пазари и може поволно да се задолжи. Милијардите се потребни за да се "бранат со сите сили од последиците од кризата", рекол министерот.

"Мислам на баба ми, не на статистиката"

Тоа мислење го делеле и огромен број на пратеници. По кризата ќе дојде до мерки за штедење, вели Андреас Јунг од владејачката Христијанско-демократска унија. "Мораме да бидеме дораснати на одговорноста за иднината", рекол тој.

Шефицата на пратеничката група на Зелените, Катрин Геринг-Екарт, се запрашала дали оваа одлука е неопходна. "Дали правиме се како што треба? Не знаеме, уште ги немаме сите одговори". Таа со тоа мислела на упливот на државата во слободата на граѓаните. Бидејќи, колку долго јавниот живот може да биде замрзнат пред државата да колабира?

Тешко дека тукутака може да се надоместат 300 милијарди евра месечно, колку што изнесува германскиот бруто-домашен производ, рекол Петер Берингер од Алтернатива за Германија. "Како изгледа концептот? За која временска рамка зборуваме? Тој додал дека овој застој е како морфиум - ја намалува болката, но ако му се дава на пациентот подолго, може само да му наштети".

И шефот на Либералите, Кристијан Линднер, бара "излезна стратегија", иако ги поддржува сите моментални мерки. "Моментално повеќе мислам на мојата баба отколку на статистиките", рекол Линднер.

Министерството за здравство соопштува дека, според планот, по велигденските празници повторно ќе се проценува состојбата. "Гледаме благо навалување на кривата на заразата", рекол еден портпарол. Тоа, додава, не е причина за славење, бидејќи Германија е на почетокот на епидемијата и тешко е да се предвиди развојот.

Забрането исфрлање на станари

Бундестагот на брзина променил и други закони. Така еден изнајмувач на стан повеќе не може да ги исфрли станарите доколку овие не плаќаат станарина, бидејќи поради кризата останале без пари. "Никој не мора да се плаши за својот стан и здравје", ветува министерот за финансии.

Министерот за економија, Петер Алтмаер, најавил дека до крајот на седмицата секој ќе знае на кого треба да му се обрати за добие државна помош. Сојузните покраини веќе почнале со исплаќање на пари на малите и средни претпријатија.

Пред да завршат, пратениците донеле одлука за наредниот месец да го намалат кворумот. Досега Бундестагот можел да одлучува само ако се присутни половина од пратениците, а од сега тоа ќе биде можно и со една четвртина.




Спонзорирани линкови

Маркетинг