Чулев: Индиции за злоупотреба на службена положба од 2,5 милиони евра на Спасовски

Макфакс

18/02/2020

13:48

1.418

Големина на фонт

а а а

Поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одобрил набавка на 3.000 чифта полициски чизми што не исполнувале четири од предвидените критериуми за квалитет, извести денес техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев. Тој до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција доставил поднесок со сите податоци за јавната набавка и направените прекршувања.

„Набавката на чизмите доцнела, но ниту бил раскинат договорот ниту, пак, била активирана банкарската гаранција“, рече министерот Чулев.

Во меѓувреме, служба од МВР направила проверка на квалитетот на чизмите во независна лабораторија, која покажала дека дадениот примерок отстапува од стандардите и не исполнува четири критериуми за што помошниците двапати го информирале тогашниот министер Спасовски. Анализа направил и економскиот оператор во друга независна лабораторија, но и таа анализа покажала отстапки од квалитетот. И покрај забелешките, договорот со „Пинко Кирил ДООЕЛ“ бил склучен во април 2016 година, кои за 14.840.000 денари во рок од 60 дена биле задолжени на МВР да му испорачаат 3.000 чифта полициски чизми.

„Иако веднаш требало да го раскине договорот поради квалитетот на чизмите, министерот не го раскинал ниту, пак, ја активирал банкарската гаранција. Поради доцнењето, банкарската гаранција истекла, а нова не била направена. МВР за компанијата не дало ниту негативна референца во согласност со Законот за јавните набавки. Една година по истекот на законскиот рок, се врши прием на чизмите, а економскиот оператор доставил и фактура. Од Финансии не можеле да направат исплата поради истечениот договор, па затоа направиле анекс на договорот“, објасни министерот Чулев.

Тој јавно го праша Спасовски дали набавката на неквалитетни чизми е високиот стандард за кој се залагал во полицијата. Рече дека очекува Обвинителството веднаш да постапи и по овој поднесок нагласувајќи дека нивните анализи на оваа набавка покажале грубо кршење на Законот за јавните набавки.



Спонзорирани линкови

Маркетинг