Спасовски на средба со Здружението на судии: Низ дијалог ќе дојдеме до решенија од интерес на судиите и судството

Макфакс

23/01/2020

13:21

352

Големина на фонт

а а а

Премиерот, Оливер Спасовски, денеска прими делегација на Здружение на судии предводена од претседателот на здружението, Џемали Саити. На средбата присуствуваше и министерката за правда Рената Десковска.

Премиерот истакна дека Владата останува посветена на дијалогот со Здружението на судии до постигнувањето на крајната цел – исполнување на нивните барања меѓу кои и зголемувањето на коефициентот на плати на судиите.

„Овој процес треба да се води низ дијалог и партнерство. Врз основа на вашиот предлог за зголемување на платите, потребно е да се направи анализа и во Министерството за финансии и да се утврди динамиката на изготвување законско решение за овие барања“, им порача Спасовски на судиите.

Како што соопштија од Владата, Саити изразил задоволство од текот на дијалогот со Владата и од инклузивниот процес кој овозможува решавање на прашањата од интерес на судиите и судството.

„Претставниците на Здружението истакнаа дека продолжуваат разговорите со Владата и дека е забележан напредок за сите отворени прашања. Разговорите за зголемување на коефициентот на платите продолжуваат и беше потврдено дека за ова прашање веќе е формирана работна група“, се наведува во соопштението.




Спонзорирани линкови

Маркетинг