Деспотовски: Одговорноста за грантовите на Ласкова и на Анѓушев е моја, не избегав ни тогаш ни сега

Макфакс

06/12/2019

19:05

1.629

Големина на фонт

а а а

На сите 320 фирми што досега добиле грантови од Фондот за иновации може да им се залепат етикети дека се сдсмовски, вмровски или некои други, но прашање е дали е тоа коректно, вели Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, во интервју за „Макфакс“. Доколку поделиле пари само на пет фирми и тие биле од СДСМ, вели дека би го разбрал обвинувањето.

„Во неколку наврати веќе, дури и во дебати со претставници на опозицијата, прашувам дали сметаат дека е коректно да им залепиме етикета, политичка или партиска, на 320 компании. Домашни компании што хранат 15.000 луѓе“, вели директорот Деспотовски.

За скандалозните грантови на фирми блиски до советничката на премиерот, Цветанка Ласкова, на вицепремиерот Кочо Анѓушев и на уште неколкумина функционери од актуелната Влада, Деспотовски вели дека одговорноста е негова.

„Јас не избегав од одговорност ни тогаш. Јас реков нема проблем, ќе си земам обврска, одговорност, дека на тоа што во тој момент како правилник, како систем, е презентирано, можеби му недостигале одредени елементи. Ние имавме процес на консултации веќе со месеци, тој елемент никој не го посочи како проблематичен, ниту некој го размислувал. Можеби луѓето и не очекувале дека ќе аплицираат фирми на носители на јавни функции, не знам. Меѓутоа, се појави како проблем и го превениравме“, вели Деспотовски.

За 2,5 години откако тој е директор, Фондот доделил 55 милиони евра на домашни компании, кои обезбедиле 1.500-2.000 нови вработувања. Платите на нововработените, според Деспотовски, во просек се над 40.000 денари.

Некои од грантираните иновации веќе се произведуваат. Деспотовски во интервјуто открива дека се во преговори со Град Скопје на граѓаните да им се понуди за користење велосипедот, кој за еден час прочистува воздух колку што создаваат два автомобила со дизел-мотор исто така за еден час.

Директорот Деспотовски ги најави планираните повици за в година. Одлуките за доделување на парите што ги носи Комитетот за инвестиции може да бидат пролонгирани до средината на мај поради изборниот период во кој вели дека нема да имаат повици ниту, пак, да носат одлуки.

Деспотовски, и по изборите, себеси се гледа како директор на Фондот оти сè уште вели дека може да придонесе за грантирањето да стане одржливо, а со тоа и политиките што тој ги спроведува.



Спонзорирани линкови

Маркетинг