Заев на состанокот на лидерите на НАТО: Спремни сме да ги преземеме обврските како полноправна членка

Макфакс

04/12/2019

15:44

1.079

Големина на фонт

а а а

Премиерот Зоран Заев во своето обраќање на состанокот на НАТО во Лондон како 30. говорник и лидер на Северна Македонија истакна дека настанот ја потврдува заедничката посветеност на сојузниците за обезбедување мир, стабилност и просперитет во целата евро-атлантска област.

Заев на средбата со која претседава генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон, во присуство на останатите лидери, кажа дека стратешката цел на Северна Македонија за членство во НАТО конечно станува реалност.

„Брзата динамика на ратификување на протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО е цврст доказ за тоа колку е добредојденa земјата во трансатлантското семејство. Земјата е спремна да ја преземе обврската како полноправна членка да дава придонес за одговори за менување на мултидимензионалните безбедносни предизвици што стојат пред НАТО“, порача македонскиот премиер.

Заев нагласи и дека Северна Македонија презема трансформативни реформски процеси за стабилно и одржливо финансирање во одбраната.

„Подготвени сме за правично споделување на обврските со зголемување на буџетот за одбраната на земјата од 0,2% од БДП годишно со цел да достигнеме 2% од БДП до 2024 година. Важен дел од ова издвојување, околу 23%, се посветени на модернизацијата на армијата“, кажа премиерот.

Потсети дека македонската армија активно учествува во мисиите на НАТО уште од 2002 година во Авганистан и ќе продолжи да го дава својот придонес како сигурен партнер на НАТО во борбата против тероризмот.

Заев порача и дека членството на Северна Македонија во НАТО е стабилизирачки фактор за регионот и поттик за останатите земји од Западен Балкан што изразиле определба да станат членки на алијансата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг