Граѓанска свест во Шведска: “Јас сум тој кој ги плаќа политичарите и не гледам причина зошто да им овозможам луксузен живот”

Точка

02/12/2019

22:13

110.270

Големина на фонт

а а а

“Јас сум тој кој ги плаќа политичарите. Не гледам причина зошто да им овозможам луксузен живот”, вели Јоаким Холм, државјанин на Шведска.

Ова може да им звучи чудно на луѓето кои живеат во други земји, но Шведска не им нуди никаков луксуз или привилегии на своите политичари. Без службени автомобили или приватни возачи, шведските министри и парламентарци патуваат во преполни автобуси и возови, исто како и граѓаните кои ги застапуваат. 

Без право на пратенички имунитет, ним може да им се суди како и на секоја друга личност. Без секретарка пред нивните врати, канцелариите на парламентарците се помали од 8 квадратни метри.

Политичарите кои ќе се осмелат да потрошат јавни пари за патување со такси, наместо да се возат со воз, завршуваат на насловните страници на весниците. Дури и претседателот на парлементот добива картичка за користење на јавниот превоз. Само премиерот има право на трајно користење на службен автомобил и лично обезбедување.


Шведските парламентарци живеат во мали станови во главниот град, каде сами ја перат и пеглаат сопствената облека во пералниците. Тоа може да се чини прилично скромно за толку истакнати луѓе, но всушност е подобро отколку порано. Сè до крајот на 1980-тите години, сите парламентарци спиеле на каучот во своите канцеларии.

Никој во јавниот живот не заработува голема плата: платите на членовите на шведскиот Риксдаг (парламентот) е околу два пати поголема од онаа на наставниците во основно училиште.

На општинско ниво, секоја желба за вработување во политиката би можела да биде протолкувана како случај кој бара психолошка проценка: бидејќи шведските општински функционери не заработуваат ниту плата, ниту имаат право на канцеларија, а работат волонтерски од удобноста на својот дом.

Искуството на Шведска ја урива неразумната идеја дека на политичарите треба да им се оддаде почит како на повисока каста, која ја сочинуваат дами и господа кои се пославни од просечниот граѓанин и затоа заслужуваат речиси боженствено право на бенефиции и привилегии.

Тоа е нација која своите владини службеници и политички претставници ги третира како обични граѓани. Општество кое во 60-тите години го укинало користењето на формалните заменки и кадешто сите се обраќаат со “ти”. Затоа што, според шведскиот систем на вредности, никој не е над другите.


“Уште се сеќавам на чудното чувство кога бев сведок на вонземскиот феномен – кога го видов шведскиот министер за надворешни работи и премиерот како туркаат количка за производи во супермаркет во Стокхолм. Или градоначалничката на Стокхолм како стои во ред на автобуската станица. Или претседателот на парламентот како седи во метро”, пишува Клаудија Валин.

Без големи социјални нееднаквости, Шведска несомнено е побезбедна и помалку насилна држава, каде политичарите и граѓаните обично не мора да патуваат во непробојни автомобили. Но, што е уште поважно, ова е општество кое избира политичари кои мора да бидат во контакт со секојдневните проблеми на граѓаните. На политичарите не им е дозволено своите лични интереси да ги ставаат над општите, во општество кое покажува дека политичката моќ може да се оствари во рамките на пристојноста.

Во правосудниот систем, логиката е иста: нема судии кои имаат право на службени возила, секретарки или привилегии. Оние кои се на власт можат да бидат повикани на одговорност, а сите информации мора да бидат достапни за јавноста: шведската отвореност се одразува во самата транспарентност на политичката моќ, која се следи според најстариот закон за транспарентност во светот. Во 1766 година, јавниот пристап до службените владини документи станал уставно право за сите граѓани, содржано во посебно поглавје на Законот за слобода на медумите во Шведска.


Во Шведска во секој момент можат да се следат трошоците на министрите, пратениците и судиите; да се прочита пријавата за данок на доход на премиерот; да се проверат трошоците на началниците на полицијата или на врховниот командант на вооружените сили; да се следи како јавните агенции го трошат данокот што го плаќаат граѓаните и да се следат постапките, предлозите и службените одлуки кои ги донесуваат властите на било кое ниво.

Еден од најзначајните политички скандали во оваа држава се случил во 90-тите години на минатиот век. Потпретседателката на владата, Мона Сахлин, купила чоколада, пелени и некои други предмети за лична употреба со кредитната картичка на владата и за тоа скапо платила: ја изгубила работата. Скандалот се појавил во аналите на шведската политика како “Случајот Тоблероне”.

За нешто повеќе од 100 години, Шведска од сиромашно, земјоделско општество се претвори во една од најбогатите, социјално најправедни и најмалку корумпирани земји во светот, каде никој не е над другите.



Спонзорирани линкови

Маркетинг