Заев: Tврдам дека има време за промена на изборниот модел во една изборна единица

Макфакс

28/11/2019

17:02

1.413

Големина на фонт

а а а

Тврдам дека има време за промена на изборниот модел, посочи премерот Зоран Заев на пратеничко прашање во врска со можна измена и информира дека во Министерството за правда постои работна група што ги разгледува препораките на ОБСЕ и ОДИХР.

Сепак, како што нагласи Заев, сè зависи од политичка волја на политичките партии.

„Според мене, решението на изборниот модел дали ќе остане ист, дали ќе се менува, е работа на парламентот. И убаво е да се постигне консензус за вакви прашања. Но, за мене е неприфатливо да не се дојде на состанок на помалите политички партии или парламентарни групи на повик да се разговара за едно вакво важно прашање“, рече премиерот додавајќи дека тој присуствувал на овој состанок и јасно ги кажал своите ставови дека СДСМ и коалицијата со која настапи на изборите застанале зад една изборна програма, во која стои ветувањето за една изборна единица.

Апелирајќи кон ваквите иницијативи и модели да се приклучат и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Заев оцени дека нивно право е како ќе одлучат.

„Парламентот треба да го процесира предлогот. Претседателот Талат Џафери не е тука и не сакам да зборувам во однос на тоа дали има време, јас тврдам дека има време за промена на изборниот модел“, посочи премиерот истакнувајќи дека најважно е што со ова решение ќе добие демократијата бидејќи се отстранува можноста за евентуално идно поставување, како што рече, автократи во државата.

Заев додаде дека ова решение штеди и парични средства, буџетски и партиски, кои се даваат во кампањата и кои се поголеми кога се работи за повеќе изборни единици.



Спонзорирани линкови

Маркетинг