На социјалните мрежи се појави уште едно видео на кое може да се види како се тресат објектите во земјотресот кој ја погоди Албанија утринава.
Разорниот земјотрес од 6,4 степени по Рихтеровата скала кој разруши стотина објекти во соседна Албанија, досега однесе најмалку шест животи, а над 350 лица се повредени. Серијата од неколку земјотреси која започна неколку минути пред 4 часот наутро, беше почувствувана и во Македонија, претежно во западниот дел од нашата земја.
На социјалните мрежи се проширија бројни фотографии и видеа од Драч, Тирана и околните помали градови во близина на епицентарот на земјотресот.
Корисник на Твитер објави видео од надзорна камера направено во градот Шенѓин на северозападот на земјата. Како што може да се види, неколку секунди пред разорниот земјотрес, куче кое спие под балконот на една од зградите, се буди и бега, па неколку секунди подоцна сѐ започнува да се тресе.