Пендаровски: Да не сум претседател, и самиот би се отселил од Македонија

Точка

23/11/2019

15:11

8.456

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, вели дека на младите во регионот не им се пружа шанса и дека тие имаат право да заминат и да бараат работа во подобра земја.

Тој на Форумот на млади лидери во Нови Сад изјавил дека шансата да се задржат младите луѓе во регионот лежи во тоа Западен Балкан да почне да ги користи сопствените ресурси и да продолжи со регионалните автономни иницијативи, создавајќи нешто слично на “мала Европска Унија”. 

“Тие имаат само еден живот, сите ние имаме само еден живот и никој не е луд да го троши додека преговорите со Европската Унија траат со години, а притоа просечната плата во мојата земја е 400 евра. Да не сум претседател, и самиот би се отселил од својата земја”, изјавил Пендаровски, илустрирајќи ја ситуацијата во Македонија, но и во регионот.

Тој вели дека нашите општества можат да просперираат и да имаат соодветно ниво на напредок само ако користат домашни ресурси и млади, интелигентни луѓе. Претседателот смета дека ситуацијата нема многу да се разликува за две години отсега бидејќи не е можно истата толку брзо да се промени.

Според неговите зборови, ниту иницијативата “мини Шенген” нема да го промени менталитетот на луѓето.

“Ќе мораме да чекаме што ќе понуди ЕУ и да се прилагодиме на тоа. Ако продолжиме со автономните регионални иницијативи, тогаш ќе можеме многу побрзо да напредуваме. Ако станеме попаметни, ќе напредуваме. Ако направиме мала Европска Унија во регионот, имаме шанса да ги задржиме младите лица и вистински да го трансформираме општеството”, смета Пендаровски.

Инаку, Пендаровски престојуваше во дводневна посета на Србија, каде што оствари и повеќе средби со високи српски претставници.