Обвинение за затворските чувари на Епстајн: Кога милијардерот се самоубил, тие сурфале на интернет...

Точка

20/11/2019

13:17

1.463

Големина на фонт

а а а

Двајцата чувари во затворот кои биле на должност ноќта кога се обеси милијардерот Џефри Епстајн се обвинети за фалсификување на записникот.

Тие се обвинети дека не го проверувале на секои 30 минути, а во записникот напишале дека го правеле тоа. Двајцата чувари, 31-годишниот Това Ноел и 41-годишниот Мајкл Томас се појавија пред судот во вторникот и се изјаснија дека не се виновни, а одредена е кауција од 100 илјади долари за секој од нив.

Чуварите требало да го проверуваат милијардерот-педофил на секои 30 минути. Претходно на Епстајн му бил укинат константниот надзор и бил сам во својата ќелија во затворот во Њујорк.

Според обвинението, двајцата чувари „во значаен дел од смената седеле на своите бироа, сурфале на интернет и се движеле во заедничкиот простор“. Тие потоа потпишале лажни потврди дека извршиле пребројување на затворениците. Обвинети се за „лажни записи и заговор за правење на лажни записи, како и за измама на државата САД“.

Американските медиуми претходно пренесоа дека чуварите работеле прекувремени часови ноќта кога Епстајн се самоуби. Снимките од надзорните камери покажуваат дека никој друг не влегол на подрачјето каде што бил сместен Епстајн.

Да потсетиме, Џефри Епстајн беше пронајден мртов во својата затворска ќелија во Њујорк во август додека чекаше судење за трговија со луѓе и низа на сексуални прекршоци. Тој своевремено изјави дека не е виновен за злоставување на малолетни девојчиња, од кои некои имале 14 години. Контроверзниот милијардер беше во затвор и во 2008-ма година поради обвинение за сексуален однос со малолетно лице.



Спонзорирани линкови

Маркетинг