Туск во Загреб ќе стане претседател на Европската народна партија

Макфакс

18/11/2019

15:51

794

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Европскиот совет, во заминување, Доналд Туск, ќе биде новиот претседател на Европската народна партија (ЕПП), потврди партијата во пресрет на изборниот конгрес во Загреб закажан за два дена, a пренесе агенцијата „Танјуг“.

Најпознатиот полски политичар на меѓународната сцена ќе го замени Французинот Жозеф Дол, кој ја предводи ЕПП од крајот на 2013 година.

Туск лично не ја објави кандидатурата, но ЕПП на својата интернет-страница потврди дека најдолготрајниот премиер во демократска Полска е единствениот кандидат за нов лидер.

Туск на почетокот на ноември потврди дека нема да се кандидира за претседател на Полска, отворајќи го патот за нова европска улога откако ќе му истече мандатот во Брисел на крајот од ноември, објави агенцијата „Хина“.

Конзервативниот партиски блок во Загреб ќе избира ново раководство, откако во мај забележа релативна победа на европските избори и го обезбеди претседателското место во новата Европска комисија (ЕК).

На високо ниво на агендата на партијата е проширувањето на ЕУ со Западен Балкан, особено откако Франција, предводена од либералниот претседател Емануел Макрон неодамна го блокираше почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, каде моментно на власт се социјалистите.

Една од новите теми на кои потемелно ќе се посвети народната партија на чело со новиот лидер е заложбата за помодерна еколошка платформа и политика за младите, поттикната од подемот на Зелените во Европа и глобалните протести за спас на Земјата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг