Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги оцени како неприфатливи изјавите на неговиот француски колега Емануел Макрон кој истакна дека НАТО Алијансата минува низ „мозочна смрт“ и изрази жалење поради турското однесување во Сирија.
Ердоган бил „многу разочаран“ од француските ставови за НАТО Алијансата, изјави Доналд Трамп во Овалната соба во Белата куќа за време на неговата средба со турскиот претседател.
„Мислам дека на турскиот претседател навистина не му се допаднаа изјавите и мислам дека многу други луѓе исто реагираа“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
„Неприфатливо“, накратко порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
На изјавата на Емануел Макрон во која за „Економист“ порача дека НАТО Алијансата минува низ „мозочна смрт“ и дека Европа е на работ на провалијата реагираа бројни државници од западноевропските земји, меѓу кои најгласни беа германската канцеларка Ангела Меркел и полскиот премиер Матеуш Моравијецки.
„Немаме никаква координација на стратешките одлуки на САД со партнерите во НАТО и сведоци сме на агресија на еден друг НАТО партнер, Турција, на подрачје на кое ние имаме интереси“, изјави Макрон во врска со турската воена офанзива на североистокот на Сирија.
„Тоа што се случи е голем проблем за НАТО“, додаде Макрон, ставајќи го под знак прашалник познатиот Член 5 од Северноатлантскиот договор кој предвидува воена солидарност помеѓу земјите членки во случај на напад на една од нив.
„Што ќе биде утре со Членот 5? Доколку одлучи режимот на Башар Ал Асад да ѝ одговори на Турција, дали и ние ќе се вклучиме? Тоа е вистинското прашање“, порача Макрон.