Каракачанов му одговори на Макрон: Не сме луѓе од втор ред!

Макфакс

12/11/2019

15:04

1.462

Големина на фонт

а а а

Населението на Источна Европа не може да се смета за луѓе од втор ред, изјави бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов, коментирајќи ги зборовите на францускиот претседател Емануел Макрон дека тој повеќе ги сака мигрантите од Африка, отколку украинските и бугарските банди, пренесува бугарската државна телевизија БНТ.

„Дури и Украинците кои не се во ЕУ – нормални, образовани луѓе – сега се Европејци. Не можеш да велиш дека не сакаш да не видиш нас, Украинците или Романците“, изјави Каракачанов. Тој смета дека Макрон треба да ги посети квартовите во Париз во кои живеат мигрантите за кои тој зборува.

„Тој треба да се прошета низ париските квартови каде што живеат мигрантите од Црна Африка што дојдоа пред неколку години: да види каква диктатура воспоставија таму зашто таму нема државна власт и полиција, а потоа нека зборува за различни банди и канали“, рече тој.

Каракачанов исто така изрази несогласување со Макрон околу изјавата дека НАТО е во состојба на клиничка смрт. Според Каракачанов, причината за таквите зборови е несогласувањето со ставовите на САД и некои европски држави во врска со воените расходи, како и различните економски интереси.

Некои членки на ЕУ, вели тој, продолжуваат да покажуваат со палецот кон државите од Источна Европа, додека проблемите со корупцијата ги чувствуваат и другите држави од сојузот на кои исто така им е потребен мониторинг.

„Зарем не треба да водиме мониторинг во Италија и во Франција? Зарем таму нема корупција? Таму се браќа или татко и син – еден е министар, другиот пратеник, таму ги вработуваат своите сопруги. Но таму, секако, нема проблеми. Проблемите се само во Источна Европи – тоа се лагите, на нив треба да се покаже со прст. Не се согласувам со тоа“, нагласи Каракачанов.