Србите беа во еуфорија поради рускиот ракетен систем, но реалноста е поинаква: НАТО вложува милиони, Русија ја нема никаде...

Точка

08/11/2019

21:11

8.853

Големина на фонт

а а а

Српските медиуми, посебно про-владините медиуми на претседателот Вучиќ, во изминатиов период беа во вистинска еуфорија.

„Српските официри обучени за С-400“, „Руска шлаканица за Западот: Паника во НАТО поради С-400 во Србија“ и „Воената вежба „Словенско братство“ го вклучи алармот на Западот“ беа само некои од насловите во српските медиуми во изминатиот период откако во соседна Србија „допатува“ рускиот против-воздушен ракетен систем „С-400“, кој патем пристигна без боеви ракети, односно изложбен модел.

Набрзо потоа пристигна веста дека за неколку месеци Србија ќе го добие ракетниот систем „Панцир-С1“, а српскиот претседател Александар Вучиќ порача дека неговата земја има исто така право да се вооружува како и Хрватска и Албанија, кои инаку се земји членки на НАТО.

Дали ова значи дека започнува нова трка во вооружување на Балканот? Можеби тоа не се случува, но јасно е дека ова е одговор на Русија на вооружувањето на Полска, балтичките земји, Хрватска, Бугарија и Албанија, како и тоа што наскоро и Македонија ќе стане дел од НАТО Алијансата.

Според аналитичарите, интерес од ова имаат и Србија и Русија, односно и Вучиќ и Путин. Посебно тоа се однесува на Вучиќ кој мора да го сврти вниманието на српскиот народ и повторно да одигра на „патриотска карта“, откако Метју Палмер од Стејт Департментот му порача дека што се однесува до САД - повторното разгледување на статусот на Косово не е цел на преговорите.

Палмер меѓу другото му се закани на Вучиќ дека Србија ќе се соочи со санкции поради руското оружје, а денес во Белград пристигнува Томас Зарзецки, челник на таканаречената работна група „231“ која е задолжена за санкционирање на компаниите и државите кои соработуваат со компании од рускиот безбедносен сектор.


НАТО во Србија вложува многу повеќе

Со тоа, Вучиќ е тој што доби шлаканица од Западот, затоа што САД и ЕУ му испратија јасна порака - последен услов за прием на Србија во Европската унија е меѓусебното признавање со Косово. Поради тоа, треба да се создаде впечаток на загрозеност, но и да ѝ се порача на јавноста дека Вучиќ е на браникот на земјата.

Тоа се обидува да го искористи и Москва, која планира од Србија да направи своја тврдина на Балканот кој што практично е „освоен“ од НАТО Алијансата, а за некој месец ќе се прошири и токму во нашата земја.

Иако за Србите, нивен најголем сојузник е Русија, реалноста е малку поинаква - нивниот сојузник не сака да троши многу на донации. Во 2018-та година, Србија убедливо најмногу воени донации добила од САД, околу 2,3 милиони евра, од вкупните 2,5 милиони евра. Од друга страна, донациите на Русија се мерат во десетина илјади евра.


Српската армија во периодот од 2012-та до 2018-та година учествуваше во 11 меѓународни воени вежби на НАТО, како и во 98 воени вежби со земјите членки на НАТО Алијансата.

Поради тоа, на Вучиќ ќе му биде многу тешко да продолжи да балансира. Србија и Русија неодамна потпишаа договор за соработка во Евроазиската унија, а планот на Москва е едноставен - да се „врзе“ Србија што е можно повеќе. Вучиќ често говори дека Европската унија е негова стратешка цел, но сега се соочува со проблеми затоа што Москва го влече на своја страна, а од Брисел му порачуваат малку да „олабави“ со Русија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг