Лавров: Багдади е американски производ! ИСИС настана по незаконската инвазија на Ирак

Точка

02/11/2019

12:14

1.539

Големина на фонт

а а а

Лидерот на ИСИС, Абу Бакр Ал Багдади бил производ на САД, а неговата ликвидација уште не е потврдена, рекол шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

"Министерството за одбрана на Русија веќе даде коментар за Багдади. Сакаме да добиеме дополнителни информации. Се беше објавено во триумфален и возбудлив стил, но нашите војници засега анализираат дополнителни факти - многу работи кои ги соопштија САД тие уште не можат да ги потврдат", рекол Лавров. 

Министерот додал дека "ликвидацијата на терористот, ако навистина постоела, бидејќи Багдади веќе неколку пати бил прогласен за мртов, веројатно е позитивен чекор, ако се има во предвид неговата штетна улога во формирањето на ИСИС и обидите да се создаде калифат"

Лавров истовремено потсетил дека Багдади е производ на САД.

"ИСИС како таква настана по незаконското влегување во Ирак, растурањето на ирачката држава и пуштањето на екстремисти од затвор. Тоа беа екстремисти кои Американците ги држеа таму, а потоа ги пуштија на слобода. Поради тоа во известен степен Американците го ликвидираа оној кој самите го произведоа, ако тоа навистина се случило", рекол Лавров.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, на 27-ми октомври соопштил дека е убиен Багдади. Според неговите зборови, во текот на операцијата на американските војници терористот активирал самоубиствен појас, но сепак бил брзо и прецизно идентификуван.