Стравуваат дека нивните најмили умреле во камионот на смртта: Неколку семејства од Виетнам се сомневаат дека имаат роднини меѓу загинатите

Точка

26/10/2019

17:07

3.325

Големина на фонт

а а а

Неколку семејства од Виетнам се јавиле денес со сомнение дека има нивни роднини меѓу 39-те загинати лица пронајдени оваа недела во камион на југоистокот на Англија.

Полицијата вчера уапсила уште три лица осомничени за убиство и трговија со луѓе. Возачот на камионот и натаму е во притвор, осомничен за убиство. 

Таткото на Нгуиен Дин Лоунг од Виетнам стравува дека неговиот син се загушил и замрзнал во камионот. Тој за агенцијата "AP" рекол дека неговиот син не му се јавил од минатата недела, кога му рекол дека е во Париз и дека се обидува да дојде до Англија.

"Често се јавуваше, но не успеав да го контактирам последнава седмица. Му кажав дека може да оди каде сака се додека е безбеден. Не треба да се грижи за пари, јас ќе се погрижам за тоа", рекол Нгуен Дин Гиа.

Нгуиен Дин Лоунг од дома заминал во 2017-та година. Работел во Русија и Украина, а во 2018-та отишол во Германија, па во Франција, но главната цел му била Велика Британија.

Неговиот постар брат рекол дека Лоунг има тетоважа на десното рамо. Семејството рекол дека информацијата ја споделило со локалните власти.

Амбасадата на Виетнам во Лондон вчера соопштила дека ја контактирала полицијата поради исчезната жена за која се стравува дека е една од жртвите. Портпаролот на Амбасадата рекол дека го контактирало семејство од Виетнам кое вели дека нивната ќерка исчезнала откако бил пронајден камионот.

Семејството на Фам Тра Ми за BBC рекло дека не успеале да стапат во контакт со неа откако им пратила порака дека се загушува, веројатно во камионот.

"Извинете мама и тато. Моето патување во странство не успеа. Мамо, те сакам многу и тебе и тато. Умирам бидејќи не можам да дишам...Мамо, многу ми е жал", напишала Фам Тра Ми.

Амбасадата на Кина соопштила дека идентитетот на жртвите и натаму не потврден, но во Виетнам се шпекулира дека тие лица можеби патувале со лажни кинески пасоши.

Телата на 39-те лица биле пронајдени во камион-ладилник во индустриската зона во местото Грејс, на 40 километри источно од Лондон.




Спонзорирани линкови

Маркетинг