Евро-атлантските аспирации на Северна Македонија во фокус на дебатите во рамките на охридскиот дијалог

Макфакс

25/10/2019

19:46

931

Големина на фонт

а а а

Стратешкиот дијалог за унапредување на прогресивните и напредни решенија за предизвиците со кои се соочува Македонија и регионот продолжува и попладнево во Охрид во присуство на потпретседателот на Владата, Кочо Анѓушев, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и министерот за економија, Крешник Бектеши, посебниот советник на премиерот Заев и главен технички преговарач за ЕУ, Бојан Маричиќ, како и голем дел дипломати од НАТО и ЕУ.

Темите на дискусиите се насочени кон евро-атлантските аспирации на земјава, како и кон стратегијата за реформи што ги презема Владата во оваа насока.

Дискутантите се сложија дека евро-атлантските интеграции обезбедуваат сигурност за домашните бизниси и се стремат кон групирање на своите капитали и ресурси. Конечната цел на ваквиот тренд треба да биде лесна адаптација и брза интеграција во тековните бизнис-процеси во кои се вклучени членките на НАТО и на ЕУ.

Отвореноста на европскиот пазар, како и безбедносните гаранции што ги нуди членството во НАТО, овозможуваат формирање нови бизнис-идеи, како и создавање нови работни места, особено за младата популација. На оваа тема беше дискутирано и за мигрантските трендови помеѓу младите луѓе, кои не се загрижувачки тренд само во Северна Македонија, туку и во цела Југоисточна Европа.

Имајќи ги предвид овие индикатори, потребно е развивање сеопфатна стратегија, која би ги задржала младите луѓе во нивните татковини преку отворање на гореспоменатите перспективи што е можно побргу.

Охридскиот дијалог, кој е во организација на охридската група, Владата на Република Северна Македонија и Атлантскиот совет, продолжува во текот на целиот викенд.



Спонзорирани линкови

Маркетинг