Хрватски "Јутарњи" со анализа: Историската грешка на Макрон со Македонија и Албанија

Точка

21/10/2019

20:55

5.308

Големина на фонт

а а а

Како и многу пати досега, арогантната хрватска јавност не пишувала многу за неодамнешниот настан кој го потресол регионот. Секако, станува збор за одлуката на Европскиот совет да не се отворат преговори за членство на Северна Македонија и Албанија.

Одлука која најдлабоко ја компромитира Европската унија, како институција на која може да и се верува како на Доналд Трамп, но и одлука која ја доведува Хрватска во многу непријатна ситуација, пишува хрватскиот портал.

Бидејќи - сакале или не - Хрватска се наоѓа во "регионот", а потресите кои може да уследат бидејќи псевдолибералот Емануел Макрон, за да покаже дека влијае на европската политика, ги погазил сите ветувања кои ЕУ им ги даде на Македонците и Албанците, можеби нема да се почувствуваат во Данска или Португалија, но во Хрватска сигурно да. Допрва ќе се види и со колкав интензитет. 

Едно е сигурно, Европската унија се потврдила како неверодостојна заедница која ги гази сопствените ветувања. Уште полошо, ЕУ со ваквата одлука ги отвора вратите од регионот за Русија, Турција и Кина, а можеби и нови војни. Сето тоа би можело да се спречи со едноставна одлука за отворање на преговори со Скопје и Тирана, но Маркон одлучил да "ја зготви кашата", која сега дури и ќе мора да ја изеде.

Симболично значење

Одлуката за почетокот на преговорите за членство не значи и членство, туку во прв ред има само симболично значење за да се искаже признание за постигнатото и да ги поттикне земјите на долг и напорен процес за пристапување на државите кандидати за ЕУ. Изгледа дека се срамат и главните европски политичари: "Не сте вие виновни, ние сме. Вие ја завршивте вашата работа, ние својата не", им порачал на граѓаните на Албанија и Северна Македонија претседателот на Европскиот совет Доналд Туск. "Јас мислам дека тоа е историска грешка", рекол Жан Клод Јункер. И хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ заклучил дека е разочаран бидејќи овие две земји тоа го заслужиле поради реформите кои ги спровеле и поради критериумите кои Европската унија ги поставила и кои ги задоволиле.

Тоа што го зборуваат Јункер, Туск и Пленковиќ се сведува на фактот дека Македонците дури и прифатиле да го променат името на државата за да ги смират Грците, а на што ги советувал Брисел. Постигнале и внатрешен консензус со Албанците, а владата на Зоран Заев ги чисти корупциските афери на неговиот претходник Никола Груевски. Во двете држави, чекори по чекор, почнуваат да се усвојуваат стандарди кои вредат во Европската унија. А тогаш од Европа ги клоцаат со нога по задникот - пишува хрватскиот Јутарњи.

Владимир Путин и Речеп Тајип Ердоган мора да бидат среќни кога гледаат што прави ЕУ. Бидејќи одбивањето на Македонија и Албанија воедно е и порака за Србија, Црна Гора, БиХ и Косово дека се непосакувани. Тоа е легитимно, но какви ќе бидат последиците? "Ако не не сака Европа, има кој ќе не сака", ќе кажат во регионот. Зошто Србија да не продолжи да увезува руско оружје и да прима кинески инвестиции, доведувајќи ги притоа односите со Косово на раб на судир? Кој може да го спречи уште поцврстото поврзување на Република Српска со Србија или на Албанија со Косово, како и дезинтеграцијата на Македонија и Босна и Херцеговина? Во такви околности, зошто Босанците да не истрчаат во прегратката на Турција, а Драган Човиќ тргнал да ја обновува Херцег-Босна? И ете проблем, а можеби и реприза на настаните од 90-тите.

Некои од овие држави се од соседството на Хрватска, а други се оддалечени на неколку стотини километри. Но, колку и да има проблеми во Украина, Полска или Балтикот, тоа не се проблеми на Хрватска. А глупавите одлуки на ЕУ кон Македонија и Албанија ќе бидат грозен проблем за Хрватска, заклучува Јутарњи.




Спонзорирани линкови

Маркетинг