Најголемата психолошка пресвртница во Втората светска војна: На денешен ден беше срушен митот за непобедливоста на Хитлер

Точка

21/10/2019

18:19

3.441

Големина на фонт

а а а

Ахен е германски пограничен град кој се наоѓа во близина на границата на Германија со Холандија и Белгија.

Ахен е древен град со долга и славна историја - основан е во времето на Римското царство. Во катедралата во овој град се крунисани речиси сите кралеви на Светото Римско Царство (крако кралеви на Германија) до 1531-ва година, а во Втората светска војна ќе стане првиот град кој ќе падне во рацете на сојузниците и со тоа ќе го означи почетокот на крајот на Третиот Рајх.

Поради фактот дека за време на Карло Велики, токму во Ахен е воспоставен Првиот Рајх, значеше дека градот има психолошки фактор во контекст на Втората светска војна.


Битката за Ахен се водеше од 2-ри до 21-ви октомври 1944-та година, а градот претходно беше вклучен во таканаречената „Зигфридова линија“ (систем на одбранбени бедеми долг околу 600 километри со околу 22 илјади одбранбени единици, прилагоден за против-воздушна и против-десантна одбрана).

Градот самиот по себе немал значителна вредност затоа што немало големо воено производство, популацијата изнесувала околу 160 илјади жители и до битката за градот, Ахен не бил на мета на сојузничките бомбардери предводени од САД и Велика Британија. Сепак, бил од големо психолошко значење како историски центар каде што бил формиран Првиот Рајх и сојузниците сакале да му докажат на Хитлер дека токму таму ќе пристигне војната на негова територија.


Жестоки борби

Битката за Ахен била многу пожестока од тоа што американската војска го очекувала. Иако американската армија располагала со значително поголема сила од околу 100 илјади војници, наспроти 20-те илјади војници на Нацистичка Германија, битката траела далеку подолго од очекуваното и ги пореметила плановите на Американците за нивно продолжување на инвазијата на Германија.

Станува збор за една од најголемите урбани битки во кои учествувала американската армија во Втората светска војна. После 20-тина дена интензивно војување, градот бил претворен во рушевини, а загубите биле големи на двете страни. Американската војска загубила 2 илјади војници (3 илјади биле ранети), а Германците загубиле околу 5 илјади војници.

Американските војници имале речиси целосна доминација над градот откако германската против-воздушна одбрана овде не била распоредена, а и германски Луфтвафе не бил во можност значително да делува.

Меѓу главните фактори кои што им помогнале на Американците да ја добијат битката за Ахен била артилеријата. Американските војници напредувале додека од позадина артилеријата ги уништувала утврдените позиции на Германците.

Тврдоглавоста на Хитлер и почетокот на крајот

Откако градот бил целосно опкружен од страна на американските сили, германските команданти планирале да се повлечат од градот и така да ги намалат потенцијалните загуби. Но, кога Хитлер дознал за таа идеја, веднаш наредил апсење на командантите и во градот испратил три комплетни дивизии на „Вафен-СС“ борци - најелитните сили со кои располагал Третиот Рајх.


Секако, знаел Хитлер дека губењето на Ахен ќе биде значително поголем психолошки удар од самото губење на градот - тоа ќе биде потврда дека Германија не е неуништлива и дека крајот штотуку започнал. Така и ќе биде, за седум месеци, Сојузничките трупи од запад и Советските од исток ќе ја прегазат Нацистичка Германија и ќе пристигнат во Берлин кој ќе падне на 2-ри мај 1945-та година после 20-тина дена борби.

Фотографијата подолу е спомен на едно сојузништво кое за жал нема да потрае подолго од Втората светска војна. Прегрнати позираат поручникот во американската армија Вилијам Робертсон и поручникот во советската армија, Александер Силвашко на 27-ми април 1945-та година во градот Торгау на реката Елба. Битката за Берлин е започната, крахот на Нацистичка Германија е неизбежен, седум месеци после падот на првиот германски град - Ахен.




Спонзорирани линкови

Маркетинг