Демонстрантите веќе четврта вечер по ред се судираат со полицијата на Барселона за време на протестите поради пресудата и затворските казни за каталонските сепаратисти кои учествуваа во организацијата на референдумот за независност.
Сценариото од претходните три вечери се повтори откако и синоќа мирните протести излегоа од контрола кога радикалните сепаратисти ги запалија барикадите и столчињата од кафетериите долж познатата улица Ла Рамбла во срцето на туристичкиот кварт.
Полицијата се обиде да ги одвои демонстрантите од околу стотината припадници на десничарското движење „Шпанско единство“, но на видео кое го објави жител на Барселона може да се види како групата на прошпански радикали претепува млад сепаратист.
Претходно во текот на вчерашниот ден, илјадници студенти излегоа на улиците, а некои со јајца ги гаѓаа штитовите на полицајците кои се распоредени на речиси сите клучни точки во градот.
Инаку, демонстрантите од повеќе градови на Каталонија маршираат кон Барселона, а синдикатите денес повикуваат на генерален штрајк, па се очекува денес и во текот на викендот да има уште повеќе нереди во најголемиот каталонски град.
Протестите започнаа во понеделникот откако врховниот суд во Мадрид осуди девет поранешни политичари и активисти на затворски казни од 9 до 13 години поради нивната улога во неуспешното прогласување на независност на Каталонија во 2017-та година.