Кратка порака која направи огромен проблем: Како само еден Твит „запали“ милијарди долари и ја потресе НБА лигата

Точка

17/10/2019

11:19

3.364

Големина на фонт

а а а

Кина е втор по важност пазар за американската кошаркарска НБА лига, а од Пекинг зависи и висината на платата која ја добиваат играчите.

Политиката и спортот, за жал, веќе одамна се длабоко поврзани, а кога во сето тоа ќе се вмешаат и парите, поточно милијарди долари од спортски договори и права на пренос, секој погрешен чекор може да резултира со катастрофални последици.

Токму еден таков „погрешен чекор“, односно порака напишана на социјалната мрежа Твитер, преку ноќ стана исклучително скап и опасен избор на зборови во спортско-корпоративна Америка која пред целиот свет капитулираше пред заканата од Кина.


Колку еден Твит може да ја чини најсилната кошаркарска лига на светот?

Поддршката на граѓаните на Хонгконг која на својот профил на Твитер неодамна ја објави директорот на НБА екипата Хјустон Рокетс, Дерил Мори го навлече гневот на официјален Пекинг, а набрзо потоа предизвика и хаос со масивни финансиски последици.

„Борете се за слобода и бидете со Хонгконг“, напиша првиот човек на Хјустон Рокетс, па Кина веднаш одлучи да прекине да ги пренесува НБА натпреварите на својот огромен пазар, со што најсилната кошаркарска лига на светот ќе остане без дури 4 милијарди долари по сезона!

Се чини дека Мори залудно го избриша Твитот и се извинуваше - кинеските партнери на НБА лигата ги прекинаа сите врски, државната телевизија го прекина емитувањето на предсезонските натпревари, а влдата од Пекинг остро порача дека НБА треба да покаже „достојно почитување“.


Кина за НБА лигата е втор пазар по важност, а заработката од правата за телевизиските преноси е огромна. Колку оваа комунистичка земја има пресудно капиталистичко влијание сведочи фактот што после спорниот Твит на првиот човек на Хјустон Рокетс, предвидувањата за "Salary Cap" веднаш опаднаа - станува збор за ограничување на вредноста на договорот кои секој НБА тим може да им го понуди на своите играчи.

Американско „демократско“ лицемерие

Дека многу полесно е да му се пркоси на Трамп отколку на кинеските „комунисти“ најдобро покажува односот на тренерската легенда Грег Попович кој американскиот претседател во една прилика го нарече „импотентна кукавица“.

Попович и неговиот подеднакво критичен колега Стив Кер молчат, а кога новинарка на „СиЕнЕн“ неодамна побара коментар за „кинеската афера“ од играчите на Хјустон Рокетс, Џејмс Харден и Расел Вестбрук, портпаролот на клубот практично со телото ѝ го покри микрофонот.


Можеби и најголемата ѕвезда во лигата, Леброн Џејмс, инаку познат по својата „чувствителност“ на социјалната и општествена неправда, дури и го критикуваше шефот на Рокетс, нарекувајќи го лошо информиран за ситуацијата во Хонгконг, каде што инаку демонстрантите бараат повеќе демократија и протестираат против владата која планираше да донесе закон за екстрадиција на нивни граѓани во Кина.

„Сите имаме слобода на говорот, но во чувствителните моменти мораме да внимаваме да не им наштетиме на луѓето, не само финансиски, туку и емоционално, духовно“, изјави Џејмс веројатно мислејќи на сопствениот џеб со оглед на тоа што кошаркарите би можеле да добиваат помали плати во иднина.

НБА потроши многу години и милиони долари за да се пробие на кинескиот пазар и да го достигне досегашниот статус. Според аналитичарите, Кина има удел од 10% од приходите на НБА лигата, а до 2030-та година тој удел требаше двојно да се зголеми.



Спонзорирани линкови

Маркетинг