Гордана Деан Поп Христова: До пред 10 дена најбезбедна земја, сега крвопролевања

Точка

14/10/2019

23:44

34.793

Големина на фонт

а а а

Ако пред една година пишуваваме за Еквадор дека е земјата каде што Американците доаѓаат да ги живеат пензионерските денови токму таму, гарантира безбедност и низа поволности сега сликата е сосема поинаква, а вас читателите на Точка, ќе ви ја долови Гордана Деан Поп Христов која подолг период со семејството живее и работи токму таму.

Зошто протестираат Еквадорците? 

- За да се разбере зошто протестираат Еквадорците треба да се знае дека Еквадор до пред 10 дена беше една од најстабилните и за живот најсигурните од сите латиноамерикански држави. Еквадор е земја која поседува богатства, од нафта, злато, руди, извори на вода, тропско овошје, до орхидеи, ружи, кои се извезуваат во целиот свет. Поседува најголем биодиверзитет на планетава, амазонски шуми, плажа на Пацификот, планински дел, Андите и Галапагос. Сите градови и села се поврзани со автопатишта, Еквадор има бесплатно јавно здравство, бесплатно образование, многу ефтин превоз и минимална плата која изнесува 350 долари. Доларот е официјална валута. Нема бездомници, нама глад, а на најзагрозените државата дава помош во вид на субвенции. Исклучително се грижи за старите и изнемоштените, сите цени се за 50% пониски за нив.Така беше до пред 10-тина дена. Еден вид социјализам во идеална форма, земја мирна, питома...Прва земја во светот по бројот на пензионери од САД кои доаѓаат да живеат најмногу во Куенца, градот на културата на Еквадор.


Како почнаа да се менуваат работите?

- Претседателот Ленин Морено е избран пред две години како наследник на политиката на Рафаел Кореа, од чија партија доаѓа и кој му беше ментор. Имаше 70% поддршка од народот. На трети октомври ноќта, без никакво предупредување Ленин Морено соопштува на ТВ пренос дека од утре дизелот поскапува за 120%, а бензинот за 30%, затоа што потпишал договор со ММФ за позајмица од 4,2 милијарди долари и условот на ММФ е да се укинат субвенциите на државата за цената на бензинот кои постојат уште од 1970 година. Морено склучил договор со САД на територијата на Галапагос да се отвори воена база.

Кои се последиците, се укинуваат ли поволностите што ги чувствуваат или допрва ќе ги почувствуваат граѓаните таму?

 - Поскапувањето на бензинот е само почеток на катастрофалните последици: поскапување на струјата, храната, превозот, водата, практично се. Понатаму, следи укинување на другите поволности: социјална држава на сите граѓани, за здравство, образование, пензионери...


Како почна отпорот кај мештаните?

- Протестите почнаа со изразување на незадоволството на превозниците, такси компаниите, за набрзо да им се придружат студентите, работниците, домородците кои се 30% од населението во Еквадор. Илјадници луѓе пеш се симнуваа од планините, од Амазон, со денови пешачеа и попатно блокираа патишта така што настана парализа, станува невозможно да се патува во Еквадор помеѓу градовите и во нив.

Протестите излегуваат од контрола?

- Првите денови имаше обиди на вандализам, влегување и кршење на продавници во кои најмногу учествувале Венецуелците кои се дојдени како бегалци и се со криминално досие. Тоа го искористи владината пропаганда како репресија над граѓанството. Се спроведува геноцид на народот кој протестира. Во Кито е најголемата репресија и има најмногу ранети и мртви, илјадници се во затвор. Циркулираат видеа со крвнички претепувања на млади луѓе, каде што десетина полицајци со пендреци по глава тепаат адолесценти, дури и жени и ги оставаат на улица мртви или ранети. Пред некој ден се случи бомбардирање со гас бомби во просториите каде има жени и деца.


Кои се условите за прекин на протестите?

- Сите домородни племиња се здружени, тројца водачи ги кажаа условите за прекин на протестот:

Повлекување на декларацијата 883 со која се укинува субвенционирањето на цената на нафтата и оставка на претседателот Ленин Морено и сите министри и нови избори. Протестантите извикуваат:

- Долу ММФ!

- Неолиберализам не дозволуваме, нашата земја да се продаде на мултинационални компании и на САД!


На повидок ли е излез од целава ситуација?

-Позади Ленин Морено стојат најмоќните фамилии во Еквадор, банкари, странските компании и секако ММФ и САД. Излез од оваа ситуација уште не се гледа, многу е чудно што Морено изгледа предвидел таков отвор. Луѓето особено домородците животот го даваат за земјата, подготвени се на најголеми жртви за да, како што кажуваат, ја заштитат иднината на своите синови и ќерки, иднината на шумите, водата, природата! 

(А.В)




Спонзорирани линкови

Маркетинг