Тајфунот ја опустоши Јапонија: Најмалку 40 загинати, над 20 реки се излеаа за само два дена...

Точка

14/10/2019

09:45

1.996

Големина на фонт

а а а

Операциите за потрага и спасување во Јапонија се отежнати во текот на денешниот ден поради огромните поплави и одрони кои ги предизвика еден од најразорните тајфуни во последните неколку децении.

Тајфунот „Хагибис“ во текот на викендот ги погоди централните делови на најголемиот јапонски остров Хоншу, вклучувајќи го и подрачјето на главниот град Токио. Најмалку 40 лица го загубија животот, 16 се водат како исчезнати, а најмалку 189 лица се повредени.

„Голема штета е направена на пошироко подрачје, а повеќе од 30 илјади луѓе мора да бидат подготвени за евакуација. Наша задача е внимателно да им помогнеме на погодените“, изјави јапонскиот премиер Шинзо Абе на вондредната владина седница.

Операциите за спасување се отежнати затоа што дури 21 река се излеала од своето корито во последните 48 часа, а над 140 го поплавиле копното. Поради одроните исто така се блокирани бројни патишта ширум државата.

Во операциите за потрага и спасување учествуваат над 110 илјади полицајци, пожарникари, војници и припадници на крајбрежната стража. Исто така, во потрагата се вклучени дури 100 хеликоптери.

Како што соопштија јапонските власти, деновиве во погодените подрачја се очекуваат дополнителни врнежи на дожд, водостоите на реките се високи, а тлото е нестабилно. Денес наутро повеќе од 92 илјади домаќинства останале без електрична енергија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг