Ботас со победа го промовираше Мерцедес во шампион

Дерби

13/10/2019

12:05

1.019

Големина на фонт

а а а

Валтери Ботас славеше во трката за Големата награда на Јапонија, стартувајќи од третото место кое го освои во квалификациите возени четири часа пред големото шоу.

Поради откажаните активности на патеката заради тајфунската активност во саботата, Ферари направи сензација со освојување на првиот ред во квалификациите, со што ја прекина петгодишната доминација на Мерцедес во Јапонија. Со тоа Фетел и Леклер по трет пат сезонава го заклучија првиот ред, а во овој наврат го изедначија тимот од Маранело со по 64 такви постигнувања со Мерцедес.

Сепак, слабиот старт во трката на двата црвени болиди, му овозможи на Ботас да го престигне Фетел и да поведе, додека Леклер беше под напад на Макс Ферстапен и дојде до контакт меѓу нив двајцата, по што објацата мораа во бокс, а болидот на Ред Бул подоцна се откажа. Судирот ја поремети и стратегијата на Моначанецот, кој дури три пати влезе во боксот надевајќи се на подобри перформанси од новите сетови пневматици. Стјуардите решија дека виновникот за нивниот судир ќе го бараат по крајот на трката.

Фетел првично беше оној кој парираше на стратегијата на Ферари и Фетел, кои решија да застанат два пати, додека Мерцедес се обиде да го поддржи Хамилтон за победа со еден пит стоп. Сепак, „сребрените стрели“ се откажаа од таквиот план и Ботас остана водечки, но Фетел одолеа на нападите на Хамилтон кои дојдоа во финишот. Ботас со ова го скрши малерот и стана првиот возач во 31-годишната историја на Сузука кој победил со старт од вториот ред. Со неговите 25 бода, како и со 15 на Хамилтон и еден бод за најбрзиот круг, Мерцедес стигна до шестата титула кај конструторите, но е прв кој направил шест во низа.

Хамилтон е лидер во првенството со 338 бода, Ботас има 274 на четири трки до крајот. Доколку нема дополнителни санкции, Леклер кој беше шести, ќе биде трет во генералниот пласман со 223 бода, а Фетел и Ферстапен ќе го делат четвртото место со по 212 бода.

Следните две трки се возат во Мексико и САД, на 27 октомври и 3 ноември.



Спонзорирани линкови

Маркетинг