Новиот бисер на македонската музичка сцена: Најмладата изведувачка на „Макфест“ со неверојатно емотивен настап

Точка

12/10/2019

15:30

8.820

Големина на фонт

а а а

Во втората полуфинална вечер на Макфест, конкуренцијата за влез во финалето беше навистина голема.

Многу нова музика, нови таленти. Најмладата учесничка на овогодишниот „Макфест“ беше Лара, која ја изведе композицијата „Кој те учи така“.

Музиката и аранжманот се дело на Иле Спасев, додека за текстот се погрижи Филип Цветков.


„Имав мала трема, се разбира позитивна. Целосно се внесов во песната, сакав цела емоција да ја извадам од себе и да ја споделам со публиката. Искрено задоволна сум од целокупниот настап“, вели за Точка 15-годишната Лара Иванова.

Пред „Макфест“ да ги објави резултатите, каде Лара се најде на листата за влез во финале, таа рече дека нема преголеми очекувања од фестивалот.

Со оглед на тоа дека Лара е многу млада, а и дебитант на „Макфест“, публиката и гледачите можеби не очекуваа многу од неа. Но, настапот на Лара ги занеме сите. Огромна емоција, чист и нежен глас од толку мало девојче.


Тремата воопшто не се забележа, најверојатно бидјќи таа е веќе искусна во оваа работа. Лара како помала настапувала на „Супер Ѕвезда“, а како растела – така настапите, фестивалите и натпреварите станувале дел од неа.

„Размислувавме и за Макфест, па откако мој пријател ме предложи, ме слушнаа како пеам и така настана песната. Одлична песна за моите вокални способности“, вели Лара.

Со оглед на емоцијата која ја изнесе на сцена, ја прашавме дали се пронаоѓа во песната.


„Песната не е посветена, но се обидувам да ја изнесам како да сум го доживеала она за кое пејам“, раскажува таа.

Макфест е фестивал кој секоја година нè потсетува дека Македонија има изведувачи на кои треба да бидеме горди и да им дадеме шанса да се докажат.

Автор: Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг