Селекцијата на кандидатите за прием во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) е направена со мнозинство, работевме во согласност со постојната законска регулатива, рече директорот на Агенцијата, Виктор Димовски, на денешниот брифинг со новинарите за работата на комисијата за селекцијата на вработените во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) кои аплицираа на јавниот повик за прием во АНБ.
Во поглед на одредени прашања кои се појавија во јавноста, Димовски рече дека не е загрижен и според него се работи за потврда дека она што се работело е добро сработено.
„Сакам да кажам дека времето на поединци и групи, кога одлучуваа што ќе се одлучува и како ќе се одвиваат одредени процеси во државата е поминато. Работевме во согласност со постојната законска регулатива, работевме врз основа на однапред утврден и едногласно утврден Деловник за работа и сите одлуки беа донесени едногласно освен една којашто беше донесена со мнозинство“, рече Димовски.
Секоја селекција, додаде тој, е донесена со едногласна одлука и зад сите одлуки стојат записници.
Димовски додаде дека работата е мониторирана од национални и меѓународни тела и тој мониторинг, како што рече, не остава простор за грешки, а процесот на „ветинг“ продолжува.
Директорот на АНБ на новинарско прашање одговори дека меѓу кандидатите немало лица против коишто се преземени мерки и против коишто се води постапка во надлежните обвинителски органи.