Ципрас открива: Еден викенд пред Преспа ги фрливме пенкалата и рековме - нема договор!

Точка

01/10/2019

09:31

3.061

Големина на фонт

а а а

Поранешниот премиер на соседна Грција, Алексис Ципрас деновиве е во посета на Македонија каде што оствари бројни средби со владиниот врв.

Алексис Ципрас, во интервјуто за „360 Степени“ проговори за преговорите помеѓу македонската и грчката влада во пресрет на потпишувањето на Договорот од Преспа.

Со оглед на тоа што во грчки весник деновиве беше објавена колумна во која се вели дека поранешниот премиер се враќа на „местото на злосторството“, Ципрас беше запрашан дали има чувство дека се вратил на местото на злосторството.

„Мислам дека злосторство беше тоа што се правеше во изминатите 25 години, злосторство беше тоа што од почетокот не можевме да најдеме компромис, решение за името. Не верувам дека се враќам на местото на злостортство, туку на местото каде успеавме да одиме напред и да ги оставиме назад политиките на злосторство“, одговори Ципрас.


Поранешниот грчки премиер, меѓу другото откри дека непосредно пред да биде потпишан Договорот од Преспа, за малку преговорите целосно ќе пропаднеле.

„Не беше лесно да најдеме консензус за сите прашања. Да, постоеше еден момент пред конечниот договор, еден викенд, кога ги фрливме пенкалата и јас и Зоран и г-динот Коѕијас и г-дин Димитров и рековме - не можеме да најдеме заеднички јазик“, изјави Ципрас во интервјуто за „360 Степени“.

Но, како што вели Ципрас, надвладеала логиката и бил постигнат историскиот договор помеѓу двата соседи.

„Тоа беше непосредно пред договорот, неколку дена пред потпишувањето на договорот. Беше на крајот на еден многу тежок пат. Секогаш постои замор, секоја страна мисли дека ги исцрпила „црвените линии“. Една недела пред телефонскиот повик од Зоран, направивме некои исправки или ако сакате отстапки од двете страни, една недела пред договорот ги оставивме пенкалата и мислев ќе немаме договор. Но, сакам да кажам дека станува збор за договор што треба да го истражуваат идните дипломати, токму поради тоа што не е договор што некого понижува или некого оправдува. Се работи за договор создаден со компромис и волјата на двете страни со желба да гледаме напред давајќи им перспектива на двата народи“.