Зинедин Зидан не можеше никако да биде задоволен од тоа што голем број негови фудбалери од првиот тим се најдоа надвор од тренажниот процес поради повреди, но бидејќи „болницата“ на Реал речиси комплетно се исчисти, сега Зизу се соочува со ситуација првпат да мора да прави прецртувања поради техничка одлука.
Со враќањето на повредените Марсело и Иско, недостапни за Зидан останаа само Французинот Менди и тешко повредениот Асенсио, а тоа значи дека Зидан во овој момент има на располагање 24 играчи од првиот тим. Фактот што на секој натпревар треба да избере 18, го става во ситуација да мора да отпише шест играчи за секој нареден натпревар кој ќе го одигра неговиот тим, а денеска направи прв сериозен пресек и надвор од тимот за второто коло во Лигата на шампионите ги остави Герет Бејл и Хамес Родригез.
Во „црната листа“ се најдоа и Родриго, Брахим, Одриозола и Маријано, а Зидан призна дека овие ситуации и ваквите одлуки секогаш се најтешки за него.
– Кога еден играч не е повикан, секогаш е многу непријатно, за мене, но и за играчите. Секогаш е лошо чувството да не добиете повик кога тренирате напорно. Сите треба да бидат подготвени, таква е ситуација и тоа важи за сите. Секогаш сум вознемирен кога мора да оставам играчи надвор од листата, мора да ги оставам од дома да го гледаат натпреварот. Можам само да им кажам да продолжат да инсистираат и да тренираат напорно, шанса сигурно ќе добијат, – порача Зидан кој од изоставените, досега не им даде никаква шанса само на Маријано и Брахим.