Тивок отпор кој се разгорува: Во пет московски театри актерите направија нешто што нема да му се допaдне на Путин!

Точка

18/09/2019

10:59

2.446

Големина на фонт

а а а

Во понеделник на 16-ти септември, во пет московски угледни театри се случи нешто навистина несекојдневно, нешто што е директна порака до власта на претседателот Владимир Путин.

На крајот од претставите, актерите наместо вообичаено да ѝ се поклонат на публиката, тие не го направија тоа, туку застанаа пред публиката и побараа ослободување на нивниот колега, актерот Павел Устинов кој е осуден на 3,5 години затворска казна поради отпор при апсење, при што повредил рака на полицаец.

Актерите пред публиката излегоа носејќи плакати „Јас/ние сме Павел Устинов“ и не се поклонија и порачаа: „Новинарите го спасија Голунов, раперите го спасија Хаски. Овие денови нема да молчиме пред публиката“.


Актерите алудираа на аферата со новинарот Иван Голунов на кого полицијата се верува дека му подметнала дрога и го уапсила, откако со истражувањата открил корупција и организиран криминал кај руски моќници.

Раперот Хаски (Дмитриј Кузњецов) бил уапсен и затворен откако полицијата го забранила одржувањето на неговиот концерт. Тој пред салата пристигнал, се качил на покрив на автомобил и им се обратил на своите фанови, по што бил уапсен. Но, двајцата после големиот притисок од јавноста беа ослободени, нешто што се смета за пукнатина во руското правосудство, отпор кој се разгорува, но и шлаканица за власта на Владимир Путин.


Апсење на неистомисленици

Ова лето, во јули и август во Русија беа одржани неколку протестни собири (руските власти не сакаа да одобрат ниту еден) под паролата „За слободни избори“ и „Дозволете ни да гласаме“. Властите пред изборите уапсија неколку истакнати опозиционери, па тоа го зголеми револтот.

Полицијата набрзо потоа започна брутално да ги разбира демонстрациите, а често полицајци реагираа и против обични маршови. На еден таков мирен марш уапсија половина од учесниците.

Павел Устинов бил уапсен иако не присуствувал на собирот, туку само поминувал во близина. Полицијата сеедно го привела, но и бруитално бил претепан. Устинов вели дека не ни можел да пружи отпор затоа што ненадејно бил совладан од тројца специјалци. Судот не ја зел во предвид неговата одбрана, туку само исказот на полицајците. Надзорни камери имало, но тие „за чудо“ не работеле додека бил апсен.


Дали сте вие нормални?

После пресудата, голем број на руски актери и режисери се огласија на социјалните мрежи, изразувајќи поддршка за Устинов. Познатиот актер Никита Кукушин од култниот московски театар „Гогољ“ ги повика неговите колеги актери да ја прекинат соработката со режисерите кои што работат на пропагандните содржини за, како што вели „режимот“ на Путин.

„Дали сте вие нормални?“, напиша на Инстаграм еден од најпопуларните руски рокери, Сергеј Шнуров чии песни имаат десетици милиони прегледи на ЈуТјуб. Актерите во меѓувреме порачаа дека нема да престанат со протестите се додека Устинов не биде ослободен.

Овој случај е прилично незгоден за власта на Путин кој очигледно, со падот на неговиот рејтинг, се повеќе се служи со непопулрни репресивни мерки кои уште повеќе ја разлутија културната јавност на Русија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг