Страшен тајфун ја погоди Јапонија: Невремето го парализираше Токио, едно лице го загуби животот

Точка

09/09/2019

11:08

2.630

Големина на фонт

а а а

Едно лице загина, а десетина се повредени откако силен тајфун ја погоди утринава областа на јапонскиот главен град Токио, по што повеќе од 100 летови биле откажани, а над милион домаќинства останале без електрична енергија.

Тајфунот „Факсаји“ утринава го погоди крајбрежниот град Чиба, носејќи обилни дождови и ветрови со јачина од 190 километри на час, соопшти Јапонската метеоролошка агенција.

Бурата потоа се преместила над Токио и како што пренесува американски „СиЕнЕн“, во главниот град на Јапонија бил парализиран сообраќајот.

Неколку железнички и метро станици биле затворени, додека над 100-тина летови биле откажани на аеродромите во Токио додека тајфунот со силен интензитет поминувал над Чиба, северното поредградие на јапонската престолнина.

Портпаролот на јапонската влада, Јошихида Суга изјави за новинарите дека добил податоци дека едно лице го загубило животот, а соборените дрвја и предметите кои што летале насекаде причиниле материјална штета.

Тој меѓу другото додаде дека биле пријавени над 900 илјади случаеви со проблеми со електричната енергија.

Новинската агенција „Кјодо“ пренесува, повикувајќи се на локални функционери, дека најмалку 30 лица се повредени во предградијата Чиба, Канагава и Шизоука.



Спонзорирани линкови

Маркетинг