Изреволтирани студенти со писмо до нашата редакција: „Го плаќаме и месец септември, а уште не сме вселени во домовите“

Точка

05/09/2019

21:56

4.515

Големина на фонт

а а а

Министерството за образование и наука (МОН), до 30-ти август требаше да ги достави списоците за прием на студенти во Државниот студентски дом „Скопје“, под кој спаѓаат сите студентски домови на територијата на град Скопје - „Стив Наумов“, „Кузман Јосифовски - Питу“, „Гоце Делчев“ и „Пелагонија“.

Во нашата редакција пристигна писмо во кое изреволтирани студенти побараа медиумска поддршка за нивниот проблем. Имено, илјадници студенти веќе 5 дена немаат сместување во студентските домови во главниот град на Македонија.

„Неколкупати бевме во МОН лично да прашаме кога ќе ги објават резултатите, но одговорите што ги добивме не беа воопшто сериозни. Нѝ кажуваат - еве сега, за час-два, можеби утре, евентуално задутре, почекајте неделава ќе биде“, велат студентите, кои бараат сериозно да биде сфатен нивниот проблем.

9-месечното сместување кое го плаќаат студентите не се исполнува, со оглед на тоа дека списоци за прием на студентите сè уште нема (доцнат веќе пет денови).

„При вселување во договорот потпишуваме дека ги користиме услугите на студентските домови вкупно 9 месеци, што значи ние го плаќаме месец септември, а не добиваме сместување за овој месец и сме оштетени од самиот почеток“, стои во писмото до редакцијата од студентите.

Уште колку ќе трае оваа агонија? Каде да се смести толкав број на студенти? Дали некој работи на тоа проблемот да се реши што поскоро?

Апелираме до надлежните институции (МОН), што поскоро да им се обезбеди покрив над глава на студентите, во нашите Скопски (какви-такви) студентски домови!

(Ц.Н.)