Коста Петров: Јас сум и ќе останам истиот Коста

Точка

26/08/2019

15:19

8.873

Големина на фонт

а а а

За некои можеби беше изненадување одлуката на Коста Петров да заплови во политичките води, за некои не, но едно е сигурно - тој тоа го прави од љубов кон земјата и верува дека може да придонесе за поубава иднина на сите нас.

За него политиката е валкана само ако имате такви амбиции како индивидуа. Смета дека се познава доволно за да може било кој ангажман да го промени во ексклузивно интервју за Точка. 

1. Зошто му беше предизвик на млад, почитуван успешен, реализиран човек како тебе да се впушти во политички води?

 - Шарл де Гол кажал дека политиката е пресериозна работа за да се остави само на политичари. Како секој граѓанин на Македонија, сакам да живеам во земја во која владее правото, земја во која сите имаат еднакви можности и земја во која главна тема ќе бидат успесите на нашите сограѓани а не политичките афери и скандалите. Знам дека овој мој чекор можеби е изненадување за многумина но едноставно веќе не можев да седам на страна и да гледам што се случува. Си ја сакам мојата земја, верувам во моите сограѓани и сигурен сум дека со заеднички сили ќе изградиме и ќе живееме во општество кое ќе биде синоним за успех.


 2. Ти си и најчитан автор, авторите ставовите обично преку делата ги кажуваат, бараат слобода, без ограничувања, нешто со што не можат да се пофалат политичарите?

 - Политиката е валкана само ако ти како индивидуа имаш такви амбиции. Јас знам кој сум, знам што сум и знам што се не сум преживеал за да бидам таму каде што сум сега. Знам од каде доаѓам и знам каде сакам да бидам. Мене ниту ме интересираат валкани политички игри ниту сум бил или ќе бидам дел од нив. Имам само една цел, да го дадам својот максимум и да придонесам кон доброто на нашата земја. Кај мене лично ништо не се промени по објавата дека сум потпретседател на СДСМ. Ова е професионален ангажман со љубов кон мојата земја и ова е моја патриотска должност кон мојата татковина.

3. Нели сметаш дека непотребно ќе си создадеш непријатели од човек кој го почитуваат?

- Непријателот живее во самите нас, а не околу нас. Јас лично не верувам дека имам непријатели. Нормално е луѓето во овој момент да немаат доверба во мене поради мојот избор и поради целокупната политичка атмосфера во земјата, но моја должност е преку моите дела и работа да ја стекнам нивната доверба. Знам што правам и знам кој сум и тоа ниеден ангажман нема да го промени.


4. Која е првата промена која би ја направил во СДСМ, што ти смета?

- Мојата цел преку мојот ангажман е СДСМ да биде партија на сите граѓани и граѓанки. Партија во која се слуша гласот на народот, партија во која се почитуваат европските вредности но најважно од се, партија во која луѓето имаат доверба. Сакам да видам и повеќе жени, но и млади успешни луѓе во нашиот политички свет. Имаме прекрасни млади, успешни луѓе. Да им дадеме шанса да покажат што можат! Почнува нова епоха во македонската политика и сигурен сум дека мојата генерација и генерациите што доаѓаат конечно ќе ја променат сликата за политичарите во Македонија.


5. Ќе останеш ли во партијата ако се случи да изгуби на наредни избори?

- Јас само знам дека ќе го дадам својот максимум за да донесам позитивни промени. Сигурен сум во себе и својот капацитет. Мојот фокус во моментов не се изборите, туку доброто на моите сограѓани. Тие секогаш ќе бидат мој број еден приоритет.

6. Ќе продолжиш ли да пишуваш?

- Се разбира дека ќе продолжам. Како што кажав, ова за мене е само уште еден професионален ангажман, исто како стотиците други ангажмани што сум ги имал низ светов. Разликата овој пат е тоа што овој пат ова го правам од најголема љубов кон мојата земја! Кај мене ништо не се промени. Јас сум и ќе останам истиот Коста.


 7. Ќе продолжиш ли да го работиш она во што се покажа како најдобар до сега?

- Се разбира. Горд сум на успесите на нашата компанија. Да изградиш бренд од Македонија во 40 земји не е мала работа. Сме се соочувале со милион предизвици но сме успеале на крај. Опкружен сум со одлични луѓе и се радувам на секој наш успех.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг