Директорката на „Групер“, Нина Ангеловска, ќе биде нова министерка за финансии

Макфакс

22/08/2019

22:07

5.517

Големина на фонт

а а а

На седницата на Централниот одбор, СДСМ вечерва одлучуваше за неколкумина кандидати за нови министри и заменици министри.

По завршувањето на седницата, премиерот и претседател на партијата, Зоран Заев, најави дека утре ќе достави предлог до Собранието за нов министер за финансии да биде назначена Нина Ангеловска, која во јавноста е позната како еден од основачите и директорка на компанијата „Групер“ и е добитник на наградата „Форбс 30“.

Заев најави дека ќе достави и предлог за нов заменик-министер за образование и наука – Елизабета Наумовска.

Заменик-министерот за економија Кире Наумов, ќе биде разрешен бидејќи ќе добие нова позиција како директор на Македонската банка за поддршка на развојот, а на негово место Заев ќе го предложи Кирил Колемишевски.

За заменик-министер во новото Министерство за политички систем и односи со заедниците ќе биде предложен Неџат Мехмедовиќ.

Како што кажа Заев, со овие решенија се испраќа порака дека младите со својата енергија и инвентивност може да бидат корисни дома, а не само надвор од Република Северна Македонија.

„Општеството знае да препознае и да даде шанса секој да се вгради низ институциите на системот и да даде придонес во севкупниот раст и развој, соовременување и модернизирање на општеството и нашата земја“, порача тој.

На централниот одбор на СДСМ беше донесена и одлука да се изберат и пет потпретседатели на партијата.

Така, на овие позиции во иднина ќе бидат актуелната министерка за труд и социјала, Мила Царовска, Коста Петров, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пратеникот Мухамед Зекири и министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг