Путин го одликувал рускиот пилот херој: Принудно го слетал авионот и спасил 233 животи, а сега го добил највисокиот национален медал

Точка

17/08/2019

15:07

4.337

Големина на фонт

а а а

Рускиот претседател Владимир Путин му го доделил орденот Херој на Русија, највисокиот национален медал, на пилотот Дамир Јусупов.

Јусупов веднаш по полетувањето успеал принудно да го слета авионот со 233 патници на поле, бидејќи јато галеби влегло во моторите. 

Искусниот капетан Јусупов рекол дека брзото слетување била негова единствена опција и дека не се плашел тоа да го направи. Тој рекол и дека се надевал дека ќе успее да се врати на аеродромот откако од ударот од птиците откажал еден мотор, но бидејќи набрзо откажал и другиот, немал избор.

Луѓето ширум Русија го окарактеризирале Јусупов како херој.

"Чудно е, но јас сум срамежлив. Не чувствував страв. Видов пред себе пченкарно поле и се надевав дека можам да слетам што полесно. Се обидов да ја намалам вертикалната брзина при слетувањето за слетам што помеко и да се спуштам порамно", им рекол Јусупов на новинарите во телевизиско интервју.

Путин медал му доделил и на другиот пилот на авионот, 23-годишниот Георги Мурзин, а остатокот од екипажот добил друго високо одликување.

Јусупов го поздравил својот кабински екипаж кој успеал да ги евакуира патниците и им се извинил на патниците бидејќи не успеале да дојдат до своето одредиште - Симферпол на Крим.

"Им посакувам брзо опоравување на сите повредени и да не се плашат од летање", додал тој.

Министерството за вонредни ситуации соопштило дека 74 лица побарале лекарска помош по слетувањето, а здравствените службеници соопштиле дека 23 лица биле однесени во болница, но дека сите освен едно лице биле пуштени по прегледот.

Ударите на птици во авиони често се случуваат ширум светот, иако аеродромите користат сигнали за опасност од птици, воздушни топови и други методи за да ги растераат од пистата. Моторите на авионите обично ги сечат помалите птици, кои не се опасни, но тие не се дизајнирани да издржат удари на јато птици или поголеми птици.

Некои руски службеници рекле дека е можно птиците во кои удрил авионот на Јусупов да биле привлечени од некоја илегална депонија во близина на аеродромот.




Спонзорирани линкови

Маркетинг